НРЦ: „ Моето здравје е мое право“

Националниот ромски центар во рамките на проектот „Унапредување на здравјето на жените Ромки, моето здравје е мое право“  го анализираше пристапот и степенот на искористеност на здравствените услуги предвидени со Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца и Програмата за партиципација oд страна на Ромките при остварување на нивните права од сексуално и репродуктивно здравје. Истовремено, НРЦ  посвети внимание и на начинот на кој се реализираат  здравствените права од страна на релевантните здравствени институции на национално и локално ниво. Основата врз која се темели оваа анализа е принципот на резултати засновани на докази, потенцираат од НРЦ. Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата и Програмата за партиципација се донесени со цел континуирано унапредување на здравјето на децата и жените во репродуктивниот период. Од двете програми,  од вкупно 11,  само две услуги се целосно искористени од жените за време на бременост.

Во истражувањето биле вклучени 58 жени на возраст од 16-37 години, кои што се породиле во 2018 година или 57,4 % од вкупниот број на породени Ромки во 2018-та во Куманово.

Учесничките биле организирани во пет фокус групи.

„Анализата покажува дека 5,17 проценти од бројот на породени жени во 2018-та без никаков документ за идентификација, самите си го платиле породувањето, 26 проценти не платиле за контролни прегледи во текот на бременоста кај своите матични лекари, а 74 отсто ги платиле услугите, 36 проценти од испитаничките воопшто не направиле анализа на крвта во текот на бременоста, 33 проценти жени не платиле за анализата, а 31 отсто платиле. Понатаму, 35 проценти од жените не направиле анализа на урина во текот на бременоста, 10 отсто не платиле за услугата, а дури 55 проценти платиле, само пет проценти од жените добиле бесплатна фолна киселина во текот на бременоста во 2018-та година, сите жени стопроцентно биле посетени од патронажни сестри после породувањето, само 17 проценти биле посетени во текот на бременоста, а дури 83 отсто не биле посетени од патронажни сестри во текот на бременоста. На крајот анализата покажала дека ниту една жена не добила печатен материјал, брошура,  леток или слично во текот на бременоста или по породувањето од страна на матичниот гинеколог или пак патронажната сестра“ рече Себихана Скендеровска, координатор на проектот

Поради ваквата состојба, НРЦ препорачува да се реорганизира системската поставеност на здравствената заштита од сексуално и репродуктивно здравје, при што сите нивоа на здравствена заштита да даваат сеопфатни, интегрирани, квалитетни здравствени услуги од сексуално и репродуктивно здравје, превентивната програма за активна здравствена заштита на мајки и деца да се креира со јасни поставени цели, активности, и очекувани резултати, кои ќе бидат мерливи и ќе покажат број на корисници, во дизајнирањето на превентивните програми да учествуваат стручни граѓански здруженија, да се дефинира интегриран и сеопфатен основен пакет на здравствени услуги од сексуално и репродуктивно здравје, кој ќе ги опфаќа потребните гинеколошки прегледи за жените на национално ниво, да се ревидираат превентивните програмски „цели“и активности на матичните гинеколози со цел да се осигураат бесплатни прегледи за време на бременост, да се воведе законска обврска за матичните гинеколози да доставуваат списоци за бремени жени на неделно ниво до патронажна служба и да се воведат соодветни санкции ако не се исполни оваа обврска, со цел да се остварат посети на бремени и нивнаедукација и фолната киселина да се вметне како задолжителна активност на матичните гинеколози кои што ќе им ја даваат на бремените жени за што ќе информираат на месечно ниво.

Проектот е подржан од Ромска здравствена програма Берлин, Фондација Отворено општество.

Инаку, од своето основање во 2005-та, Националниот ромски центар од Куманово се развива како застапник и поддржувач на ромската популација во Македонија, како и на сите групи во заедницата кои живеат во социјален ризик, односно болест, сиромаштија, се соочуваат со дискриминација, сегрегација или се ранливи и живеат на работ на социјална и економска маргинализација. НРЦ е инклузивна организација која се стреми да ги задоволи интересите и правата на своите конституенти со градење на интернационални мрежи и групи за поддршка, со заземање на место на масата на националното и локално владеење за застапување на правата и интересите на оние кои од тоа имаат потреба, со работење на терен за да се зајакнат луѓето преку насочување и едуцирање за нивните права кои им се загарантирани со закон.

 

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0 0

Коментари

коментар(и)