НРЦ одржа годишно собрание

Националниот Ромски Центар (НРЦ), деновиве одржа годишно собрание на кое беа усвоени извештаите за работата на здружението. На собранието, информираше, извршниот директор на НРЦ Ашмет Елезовски, било укажано дека успешно се реализирани активностите и заложбите од донесената стратегија до 2018-та година и најави дека до 2022-та година ќе се работи според нова стратегија во која клучно како и досега ќе биде подобрување на животот на граѓаните во Република Северна Македонија, активно учество на НРЦ во заложбите на заеднички вложените напори за влез на државата во ЕУ.

На собранието беа презентирани и извештаите кои претставниците на НРЦ ги оствариле со претставници од  претходниот  состав на Европската Комисија и Европскиот Парламент,  Обединетите Нации во Женева и успешната соработка со ОБСЕ ОДИХР, ромска програма, каде НРЦ  е дел од мрежата за зголемена партиципација  на Ромите и еднаков пристап во изборите.

Елезовски информираше дека и во наредниот период НРЦ ќе работат на подобрување на клучните проекти за Ромите, домувањето, здравството, образованието, генерално на подобрување на меѓуетничката соработка и почитување на правата на граѓаните.

На собранието биле презентирани и извештаите од средбите со претставниците на европската и македонската политичка сцена. НРЦ, вели Елезовски ќе продолжи со праксата за доделување на признанија на поединци и организации, кои работат на напредок и развој на ромската заедница, со цел намалување на дискриминацијата и антициганизмот. Тој потсети на постоечката бесплатна правна канцеларија кој опстојува во здружението, отворена преку Министерството за правда.

-На годишното собрание искажавме благодарност до поддржувачите за досегашната професионална соработка, Европската Комисија од Брисел, Делегацијата  на ЕУ во Македонија, француската амбасада, програмата за жени Ромки на ОН, програмата за здравје на Фондацијата Отворено Општество, Сорос програмата за Западен Балкан од Берлин и сите останати донатори со кои соработуваме-вели Елезовски.

НРЦ, додаде извршниот директор ќе продолжи да придонесува преку учество на форуми, организирани од државата, Владата, Собранието и ќе остане дел од мрежата ЦИВИКА на Швајцарската амбасада, воден од МЦМС, а на интернационално ниво ќе продолжи да биде носител на развојот на ромското движење.

Националниот Ромски Центар ќе продолжи со исто темпо на работа, вели Елезовски, бидејќи интеграцијата не е настан туку процес, укажувајќи дека е задоволен од се поголемиот број средношколци и студенти Роми. Во наредниот период, внимание ќе посветат на реинтеграцијата на младите кои се враќаат во државата.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)