Обичаи и верувања за божиќните празници

Посна трпеза за среќа, бериќет и напредок на семејството, кршење лепче со паричка, дарување на коледарчињата се дел од обичаите кои ги практикуваат верниците за одбележување на Бадник, ден пред еден од најголемите  христијански празници – Божиќ.

За Бадниковата вечер во секој дом се меси лепче во кое се става паричка, кое  домаќинот откако ќе се прекрсти и благослови, го крши на толку делови колку што има членови во семејството, оставајќи дел за Господ и куќата, објаснува м-р Анита Ѓорѓиеска,  виш кустос етнолог во НУ Музеј Куманово.

-Називот потекнува од старословенскиот – бдети што значи цела вечер остануваме будни. Бадниковата вечер има свои елементи, палење на дабово дрво, китење на куќите, внесување на сламата, палење на бадникови огнови, коледарчиња. Сите тие биле предвесници за наговестување на среќа и здравје на семејството. На самата вечер се подготвува посна трпеза, присутна е македонската кујна – посен грав, сарма, лепче со паричка , а се верува дека во тој што ќе се падне паричката ќе има среќа целата година. Обичај е и  внесување на бадниково дрво, домаќинот ја кити куќата, а кон дрвото се постапувало како кон некое божество, во чест на култот на предците и плодноста, изјави м-р Анита Ѓорѓиеска, виш кустос етнолог во НУ Музеј Куманово

Се уште присутен е и обредот со бадниковите огнови кои што се палат на Бадник во чест на плодноста и раѓањето на Исус Христос, а постојат повеќе тези и верувања и за внесувањето на слама во куќата вечерта на 6-ти јануари. 

-Има верувања дека трпезата не се чисти после вечертата за да не се исчисти среќата од куќата.  Имало обичај во куќата на шести јануари кој прв ќе влезе се нарекува полазеник и со жито го посипува домаќинот. Ако полазеникот е женско тогаш се верува дека носи повеќе среќа, изјави Ѓорѓиеска.

Божиќ е највесел православен празник со кој се слави раѓањето на Исус Христос и се слави три дена. Првиот ден од Божиќ се оди во црква на почесна литиргија, се посетуваат роднини и пријатели и се поздравуваат со Христос се роди, навистина се роди.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)