Обичаи поврзани со Богојавление – Водици

Ден пред големиот христијански празник Богојавление – Водици, на празникот наречен Водокрст секоја година се извршува голем Богојавленски водосвет. Празникот е познат и под името Водопост, како ден на строг пост, во кој се пости само на вода.

Водици или Богојавление народот го празнува како еден од најголе­ми­те христијански празници, после Божиќ и Велигден,  зашто на тој ден според верувањето,  Исус Христос е крс­тен од Свети Јован Крстител на реката Јордан, на неговата 33-годишна возраст.  Со празникот  се поврзуваат повеќе обичаи кои што во минатото ги практикувале граѓаните.  Дел од обичаите сосема се исчезнати или редуцирани,  појаснуваат етнолозите.

 Фрлањето на крст во реките, езерата , а денеска и во фонтаните е само еден од нив.  Се верува дека тој што ќе го дофати крстот ќе биде среќен цела година и е кум на црквата, го даруваат со подароци. Според  истражувањата  на етнолозите, фрлањето на крстот е во тесна врска со некогашната човекова жртва на водата која потоа се заменува со крст како симбол на човекот, а пак традиционалното јадење кое што се подготвува се пивтии со пресна погача, појаснува м-р  Анита Ѓорѓиоска, виш кустос во НУ Музеј -Куманово.

-На самиот ден свештеното лице во процесот на литургија оди на река, на езеро каде што го фрла крстот по кој што се фрлаат многумина од верниците. На богојавленската вода и се припишуваат големи натприродни лековити својства. Со водата  кога ќе се донесе дома ја прскале куќата за здравје и среќа, пиеле болни, нормално и здравите луѓе, сипувале во бунар, ги прскале нивите и лозјата со верување за побогат род, а имало е еден обичај кога ќе влезат во куќата домаќинката на прагот ставала секира и на неа жар и секое дете ќе голтнало од таа богојавленска вода и ја фрлало назад зад себе верувајќи дека детето ќе биде здраво како што е издржлива секирата , изјави м-р Анита Ѓорѓиоска, виш кустос во НУ Музеј- Куманово

Карактеристично за кумановските села во минатото било и практикувањето на таканаречениот обред Водичарки, појаснува Ѓорѓиоска.

-Првиот ден од Богојавление се Машки водици кога се капат и крштеваат само машките деца –првенци и првите зетовци. Исто така на извор одат само момчињата , ја осветуваат водата со босилек, а потоа ја прскаат куќата и живината. Вториот ден се Женски водици, кога невестите, девојчињата исто така оделе на извор, биле облечени во народна носија, носеле венчиња на главата, оделе на извор земале вода и оделе од куќа на куќа, каде што домаќинката ги дарувала со пари, овошје, истиот процес го применувале како и машките деца за Водици со некое верување дека тоа го прават за среќа и благосостојба на семејството. Денеска овој обичај сосема е исчезнат, изјави м-р Анита Ѓорѓиоска,  виш кустос  Н.У. Музеј –Куманово

Вториот ден од празникот Водици е Свети Јован . Поголем дел од семејствата 20-ти јануари го празнуваат како крсна слава и е празник на кумството и побратимството. Во црквите Свети Јован е издигнат над сите светци, а сите оние кои што носат името Јован, Јордан, Јовица, овој ден го празнуваат како свој именден.

Со Водици завршуваат некрстените денови и започнува циклус на пролетно-летните  празници кога се изведуваат аграрско -магиски обреди со цел да се обезбеди плодност на нивите и посевите, а се најавува и нов циклус на развиток и напредок на целото општество.  

Коментари

коментар(и)