Обука на наставници за инклузивни ученици

Имајќи ги во предвид потребите на учениците и наставниците,  во основното училиште Браќа Миладиновци денеска се одржа предавање кое се однесува на изработка на индивидуален образовен план кој се изготвува од страна на наставниците , а им служи во својата работа при оценувањето и работата  со ученици со посебни образовни потреби кои се вклучени во редовната настава. Бидејќи повеќе од десет деца веќе се инклузивни ученици во ова училиште, предавачот магистар Милена Илиќ Пешиќ смета дека се пројавува и потребата за обука на наставниците како да го изготвуваат индивидуалниот образовен план.

-Инклузијата е процес кој е во тек и кој допрва треба да се развива и треба да се бараат најразлични форми како може да и помогнеме на инклузивната практика.  Во овој момент не се доволни овие кратки обуки и ние ќе се трудиме во што поголем број и во што поразлична форма да бидат обуките кои ќе им помогнат на наставниците. Се разбира дека тоа не се дефектолози , тоа се стручни лица во својата област и ние сме тука како стручни соработници, дефектолози , конкретно јас и други мои колеги кои ги има во основните редовни училишта да им помогнеме на наставниците колку што е можно повеќе, изјави м-р Милена Илиќ Пешиќ, дефектолог во ООУ„Браќа Миладиновци“

Децата со посебни образовни потреби кои се вклучени во редовната настава одлично се прифатени од своите соученици кои што доколку има потреба им помагаат и другаруваат со нив, вели дефектологот Илиќ Пешиќ.

– Не е исто детето да остане дома и да е вклучено во образовниот процес каде што со него ќе работат стручни лица оние кои се образувале за тоа и кои ја сакаат својата работа така што секогаш се гледа резултатот на крајот , меѓутоа ние се надеваме дека сме во можност да ја подобриме нивната состојба, изјави м-р Милена Илиќ Пешиќ, дефектолог

Општинското основно училиште Браќа Миладиновци е единственото во градот кое има и девет посебни паралелки со ученици од прво до деветто одделние . Со учениците чија што бројка од година в година варира, но секогаш се движи од 45 до 50 , работат десетмина дефектолози .

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)