Објавен оглас за Практиканство

Практиканство се уште е најатрактивната мерка за младите невработени лица кои што сакаат да се вклучат во пазарот на трудот. Агенцијата за вработување веќе го објави огласот за мерката Практиканство, како прва од повеќето кои што ги содржи Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на труд за 2020 –та година.Со оваа мерка годинава ќе бидат опфатени 1.575 невработени лица, а огласот ќе биде отворен се до исполнувањето на предвидената бројка,информира раководителката на Центарот за вработување во Куманово, Марија Димитријевска.

Условот кој што треба да го исполнат невработените лица за да можат да аплицираат на овој повик е да се до 34 годишна возраст, невработени, активни баратели на работа, со минимум основно завршено образование и да немаат работно искуство согласно образованието. За период од 3 месеци државата за нив ќе обезбеди финансиска поддршка во износ од 9000 денари месечно.

На први февруари годинава, Агенцијата за вработување ги објави и огласите за Претприемништво- Самовработување со кредитирање и за Субвенции – Кредитирање на правни субјекти.

Оперативниот план содржи и голем број други мерки коишто се покажале како успешни минатата година, а се на барање на работодавачите и на невработените лица, годинава се предвидени и нови мерки,  велат надлежните.  

-Предвидени се низа мерки коишто ќе обезбедаат создавање на нови работни места, поддршка за креирање на нови места како и зголемување на степенот на вработливоста на невработените лица, со акцент на млади невработени лица активни баратели на работа и корисниците на гарантирана минимална помош. Како и другите години програмата за поддршка за самовработување –претприемништво и оваа година е вклучена во Оперативниот план, имаме и мерки кои што се насочени кон поддршка за креирање нови работни места, субвенционирање на плати, вработување и раст на правни субјекти и поддршка за вработување на лица со попреченост, изјави Марија Димитријевска, раководител на Центар за вработување Куманово

Оперативниот план ја опфаќа и програмата Обуки, како што се обука на работно место за познат работодавач, обука за стручни квалификации според барања на работодавачите, обука за стручни квалификации според барања на познат работодавач, обука за побарувани занимања, обука за возачи за Ц и за Д категорија, обука за развој на дигиталните вештини, обука за напредни ИТ вештини, обука за напредни ИТ вештини со ко-финансирање и пилот мерка за обуки за напредни ИТ вештини со ко-финансирање за не лиценцирани спроведувачи на обуки.

– Имаме и програми за работно ангажирање, тука се мисли на  општинско -корисна работа и јавните работи. Нормално, тука се и услугите кои што Агенцијата за вработување преку Центрите за вработување ги нуди на невработените лица, мотивационите обуки, обуки за подготовка за вработување, советување, профилирање и низа други активности кои што секојдневно вработените во центрите за вработување ги спроведуваат со невработените лица, со работодавачите, се работи и на советување на работодавачите, изјави Димитријевска.

Вклучувањето на невработените лица во мерките за вработување се врши врз основа на транспарентни процедури за аплицирање се до исполнувањето на планираната квота до ноември годинава. Годинава за реализацијата на оперативниот план предвиден е буџет од 1,45 милијарди денари или за 100 отсто поголем во однос на 2016-та  година,  а  се  обезбедува вработливост за околу 12.000 лица, потенцира раководителката Димитријевска.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)