Овации предизвика претставата „Женски разговори“

По повеќе од 30 години, ѕвездите на југословенската кинематографија Светлана Бојковиќ и Весна Чипчиќ заедно со својот колега Милан Цаци Михаиловиќ, играа на сцената на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ со претставата „Женски разговори“ на годинешното издание на фестивалот „Денови на комедија“.

Кумановската публика со повеќеминутни аплаузи ја поздрави екипата на претставата „Женски разговори“ на Театар Славија од Белград, на годинешното издание на фестивалот „Денови на комедија“. Пред кумановци по повеќе од 30 години настапија ѕвездите на југословенската кинематографија Светлана Бојковиќ и Весна Чипчиќ заедно со својот колега Милан Цаци Михаиловиќ. Љубителите на комедијата уживаа во текстот на Душко Радовиќ, а во режија на Небојша Дугалиќ.  Актерката Бојковиќ посочи дека од нејзиното последно доаѓање во Куманово, пред околу триесетина години, градот многу се променил. Истакна дека е задоволна од реакциите на публиката, иако физичката дистанца во салата, согласно протоколите, ја отежнува интеракцијата во текот на претставата.

Беше пријатно, приемот беше прекрасен, штета што ни се случи короната, па салата не беше преполна, но колку што слушнав луѓето се интересирале, само што сега такви се околностите, но сеедно ни беше многу пријатно и тука сме по 30 години повторно во Куманово. Но, не го препознав градот колку е зголемен и колку се изградило, пријатно сум изненадена колку е зголемен, слушнав дека сега имате над 100.000 жители, браво за Куманово-истакна таа.

Актерката Весна Чипчиќ, истакна дека истава претстава ја играле во Куманово пред 30 години. Нагласи дека е тешко да се игра во услови на пандемија, кога не може  да се оствари вистинскиот контакт со публиката.

Необично е, не е прв пат да играм претстава откако почна ова со маските, голема е салата и всушност тој контакт меѓу нас и публиката не беше каков што може да биде, од причина што секој сам седеше, но прекрасна публика и многу сум среќна што сме во Македонија-посочи таа.

На сцената во претставата им се приклучи колегата Милан Михаиловиќ кој вели дека секоја година гостува во Скопје и Куманово и наидува на одличен прием кај публиката, но и пречек од колегите актери.

Ова е 37 година како го играме овој текст на Душко Радовиќ, тоа се неодоливи приказни, смешни, како што беше и тој, тоа е еден живот 37 години, јас присуствува на различни животни случувања на моите колешки, се тече и еве не повторно овде пред навистина прекрасна публика, не ни беше тешко денес што патувавме, и ја имавме оваа вечер-истакна тој.

Фестивалот Денови на комедија во петок ќе го затвори претставата Солдат на Театар Куманово.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)