Овации предизвика српската претстава „Свиња“

Со овации и громогласен аплауз кумановската публика синоќа ја награди актерската екипа од продукцијата  „Мој траг“, која во рамки на фестивалот Денови на комедија, ја изведе претставата „Свињa“ од Бранислав Нушиќ, а е во режија на Соња Кнежевиќ. Познатите, долгогодишни актери на духовит начин ја изнесоа „Свиња“, еден од последните романи на прославениот комедиограф, напишан во стилот на најдобрите француски водвиљи.

Претставата зборува за белградски инжинер во среќен брак, кој по долго време го среќава својот најдобар пријател од студии, кој заминал во Америка и таму заработил големи пари, но и го променил начинот на живот и размислување. Пријателот се вљубува во неговата жена, додека газдерицата која е повозрасна жена, во младиот кираџија гледа совршен младоженец. Ликовите ги толкуваа Душан Матејиќ, Маријана Миќиќ, Милош Ѓуровиќ, и Љиљана Ѓуриќ.

-Презадоволна сум и секогаш се чувствува веќе во првите минути како публиката реагира, овде почнаа да се смејат, штом Дуле излезе на сцена и тоа расположение ги држеше до самиот крај, така што ние сме навистина презадоволни. Еве сега коментираме дека ова е едно од подобрите изведби, инаку претставата е нова, вечерва мислам дека ни е петта изведба од премиерата. Бевме пред година, би сакале повторно да дојдеме, тука сме секогаш кога ќе не викате, затоа што имате прекрасна публика, како и најдобра храна-истакна актерката Маријана Мичиќ.

-Јас прв пат настапувам во Куманово и многу ми е драго што ве имаше во толкав број, што салата беше преполна, се надевам дека пак ќе дојдам. Овој лик за изведба е малку комплициран, се е брзо, напорно се случува заплет, но крајот е фантастично, и публиката тоа го наградува-нагласи  актерот, Милош Ѓуровиќ.

До крајот на фестивалот остануваат уште претставите Забрането смеење, на тетарот од Струмица, Наопаку на Албанскиот театар од Скопје, Веќе не те познавам на ромскиот театар Птици од Куманово, Урнебесна трагедија на театарот од Црна Гора и на крај Мани мини на театарот од Куманово.

 

Коментари

коментар(и)