Одбележана годишнина од Кумановска битка

„Наша заедничка цел е Европа, но искрени односи и трајна соработка со сите наши традиционални и  нови пријатели ширум светот со взаемно почитување и партнерска соработка“ , порача амбасадорката на Република Србија во Македонија, Душанка Дивјак Томиќ, на одбележувањето на 106 годишнината од Кумановска битка во Зебрњак. Пред присутните , Дивјак Томиќ потенцираше дека Кумановска битка , покрај другото  е и симбол на надчовечката  волја, храброст и пожртвуваност на обичниот селанец кој што преку ноќ со сила станал војник и заслужено голем победник.

-Во оваа голема битка со својата храброст и воена мудрост , покрај истакнатите српски војводи, се истакна и војводата Јован Станојковиќ Довезенски од село Довезенце кое е оддалечено само неколку километри од ова место. На сите нив, бројни знајни и незнајни јунаци единствена движечка сила им било чесното и повеќевековно непоколебливо тежнение по секоја цена да се освои слободата. Затоа наша трајна обврска е секогаш да се потсетуваме и длабоко да се поклониме на нивните дела, да им оддадеме длабока почит бидејќи го жртвувале она највредното што човек може да го даде, своите животи, а друго тие и не можеле да дадат бидејќи и немале. Од ова место секогаш праќаме иста порака- Не смееме да заборавиме, но со очите секогаш вперени напред, доста беше и да не се повтори. Дојде време да се закопаат секирите, време е за сеопшто помирување. Наместо зло и раздор, да си пружиме рака едни на други , да ја насочиме сета наша енергија и сила во изградба на подобро денес и подобро утре, изјави Душанка Дивјак Томиќ, амбасадор на Р.Србија во Р.Македонија

Претседателката на Српска заедница во Македонија,  Гордана Јовиќ Стојковска од спомен костурницата на паднатите борци во Зебрњак испрати порака за заедништво меѓу народите.  „Ние не можеме да влијаеме на она што ќе биде, но можеме да бидеме подобри едни кон други“ , рече Јовиќ Стојковска.

– Денеска е еден ден многу специфичен и по тоа што одбележува годишнина од стрелањето на учениците и српскиот народ во Крагуевац.

На денешен ден во 1941 –та година околу 7.000 луѓе се убиени за да се осветат поради неколку убиени луѓе кои што дошле да ја освојуваат нашата земја. Не се убиени оние кои што им се спротивставиле со пушки, убиени се обичните луѓе како нас,  луѓе на кои што им е преку глава од политика. Ние не можеме да влијаеме на она што ќе биде, но можеме да бидеме подобри едни кон други. Убедена сум дека тоа ќе биде најважно, да им пружиме раце на другите бидејќи без разлика на сите наши политички и не знам какви други определби ние сме наши и треба да бидеме заедно. Затоа уште еднаш Ве повикувам на обединување , заедништво и секогаш онолку колку што можеме да пружиме рака, а лошите зборови понекогаш да ги премолчиме, изјави Гордана Јовиќ Стојковска, претседател на Српска заедница во Македонија

Свежо цвеќе и венци во чест на загинатите во Кумановск битка положија делегации од Македонија и Србија, пратеници, претставници на владата, српската амбасадорка, Српска заедница во Македонија, градоначалниците на општините Старо Нагоричане и Куманово , претставници на боречките организации, политички партии, невладини здруженија и граѓани од двете држави.

Инаку, спомен-костурницата кај Зебрњак е  најзначајното остварување на белградскиот архитект Момир Коруновиќ.  Споменикот е свечено осветен на 31 октомври 1937 година, на 25-годишнината од победата во Кумановската битка.  Имал облика на кула со висина од 48,5 метри. Инаку, за време на осветувањето во костурницата се положени посмртните остатоци на околу 400 припадници на српската војска кои до тогаш биле чувани во манастирот Свети Ѓорѓи, недалеку од костурницата (во општина Старо Нагоричане).

Монументалниот споменик на ридот Зебрњак кај Куманово е срушен на самиот почеток на Втората светска војна од страна на бугарскиот окупатор. Експертите на републичкиот завод за заштина на спомениците за култура, во Белград во 1985-та година го реализирале проектот за заштита на објектот на Зебрњак во дадената  состојба. Денес, од страна на Министерството за социјални работи и Амбасадата на Република Србија во Република Македонија е поставен постојан чувар.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)