Одбележан Денот на ЗОК

Со воена свеченост денеска во касарната „Боро Менков“ се одбележа Денот на Здружената Оперативна Команда. Началникот на генералштабот на АРМ, генерал мајор Васко Ѓурчиновски во своето обраќање пред присутните истакна дека денешниот датум е значаен за македонската историја  чии носители на традицијата се припадниците на Здружената оперативна команда кога во 1878 година е кренато  македонското-кресненско востание.

– Вашиот придонес преку изградба и развој на командата и потчинетите единици е за почит. Унапредување на севкупните одбранбени процеси, бројните признанија за постигнатите успеси на вежбите и мисиите, воспоставените високи стандарди во обуката, ангажирањата во справување со природни непогоди и асистенција на органите на државната и локалната власт целосно ја оправдуваат нашата доверба во вас. Резултатите се доказ дека сме достојни да ги извршуваме сите сложени задачи кои се очекуваат од нас, изјави Васко Ѓурчиновски, началник на Генералштаб на АРМ

Командантот на ЗОК, генерал мајор Павле Арсоски обраќајќи се на свеченоста потенцираше дека стратешката определба на Македонија за интегрирање во НАТО и ЕУ се уште се нивен предизвик. „Во таа смисла АРМ мора да остане стабилна и посветена на исполнување на стандардите и активно да придонесува во вкупните државни заложби за остварување на евроатлантското членство„ –  рече Арсоски.

– На денешниот воен празник можеме да истакнеме дека позади нас е уште една успешна година, година исполнета со многу работа и пожртвуваност со многу реализирани активности и ангажмани на домашен и меѓународен план, но и година исполнета со многу предизвици со кои што,  за жал, се уште се соочуваме.  Да се потсетиме дека ЗОК со своите потчинети команди и единици е столбот на Армијата. ЗОК планира, координира, раководи, контролира и менторира се она што потчинатите командни единици го имаат зацртано во своите планови за реализација. Преку подготовка на декларираните единици за операции предводени од НАТО, ЕУ и ОН, со исполнување на стандардите за интероперабилност , како и со подготовка, упатување и контрола на нашите состави во мировните операции надвор од Македонија ние во пракса секојдневно ја спроведуваме и втората мисија на Здружената оперативна команда – учество во колективните одбранбени системи и преку контрибуција во мировните операции поддршка на надворешната политика и заштита на националните интереси на Македонија, изјави Павле Арсоски , командант на Здружена оперативна команда

На прославата на која беа доделени награди и пофалници за постигнати резултати на неколкумина припадници на ЗОК присуствуваа и генерали во АРМ, претставници од министерството за одбрана и Генералштабот и  воени аташеа.

Со одлука на претседателот на Република Македонија, 17 –ти октомври е определен за Ден на ЗОК, како спомен на одбележување на значајните историски настани врз коишто се темелат традициите во Армијата на Република Македонија.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)