Одбележан Денот на Првиот пешадиски баталјон

Во касарната „Боро Менков“, со воена свеченост, денеска припадниците од Првиот пешадиски баталјон  го одбележаа 26-ти февруари, Денот на единицата.

Во рамки на свеченоста, единиците продефилираа пред присутните претставници од АРМ, поранешните команданти на единицата, претставници на јавните установи и служби, и граѓани. На свеченоста беа прочитани телеграми со честитки по повод Денот на единицата, беа унапредени, пофалени и наградени припадници на единицата.

Командантот на првиот пешадиски баталјон, потполковник Мирче Тасев пред присутните се осврна на историјата и формирањето на Третата македонска ударна бригада. Потсети дека бригадата е формирана во Жегљане на 26-ти февруари 1944 и на нејзините учества во НОБ.

-Посебно место во историјата на македонскиот народ бригадата има во создавањето на слободната територија со цел непречено одржување на првото заседание на АСНОМ во манастирот Св. Прохор Пчински, на 2-ри август 1944 година. По 2-ри август бригадата продолжува со ударите по непријателот на железничката станица во Ристовац, Табановце, рудникот Лојане, ослободување на затворениците од затворот Идризово и учеството во битките за ослободување на градот Скопје-рече тој.

Од составот на 3 МУБ загинале околу 287 борци и старешини во борбите низ Македонија. За своите херојски дела бригадата е одликувана со орден Братство и единство и орден Народно Ослободување а за народните херои прогласени се 9 борци од кои 3 жени. Тасев нагласи дека денес Првиот пешадиски баталјон претставува воена сила достојна за почит.

-Во наредниот период 1пб ќе продолжи со високопрофесионално извршување на дадената мисија. Тоа е наша обврска и дожност кон татковината и кон загинатите припадници на безбедносните сили кои ги дадоа своите животи за мирна и среќна иднина на сите граѓани на Северна Македонија-нагласи тој.

Пред присутните се обрати и началникот на штабот на Првата пешадиска бригада, Дејан Чиплаковски, којк= нагласи дека во годината кога се одбележуваат 76 години од формирањето на 3-та МУБ може со гордост да истакне дека припадниците на Првиот баталјон задачите ги извршуваат успешно, справувајќи се со сите проблеми и предизвици.

-Силната традиција, историските корени и херојските подвизи кои влечат корени уште од формирањето на 3-та МУБ на крајот од Втората светска војна се инспирација за сите вас. Голема е честа и задоволството што заедно со вас го одбележуваме денешниот празник, 26-ти февруари, Ден кој со одлука на претседателот е одреден за Ден на вашата единица која ги продолжува и негува традициите на 3-та МУБ-нагласи тој.

На одбележувањето беше презентиранo и дел од вооружувањето, опремата и возилата со кои располaга единицата.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0 0

Коментари

коментар(и)