Одбележан патронат на НУ Центар за култура

Со концерт на хорот „Света Злата Мегленска“  и диригентот Летка Димова Полизова, националната установа Центар за култура синоќа го одбележа  патрониот празник и 109 години од раѓањето на композиторот и диригент Трајко Прокопиев, чие име го носи институцијата. Во рамките на програмата  беа изведени дела од Прокопиев, Скаловски, Шуплевски, Лековски, Вивалди, Брајан, Семпер, Кинг, Граси.

Инаку, пред концертот на присутните им се обрати директорот на центарот за култура,  Сашо Тодоровски, потенцирајќи дека институцијата како и порано и сега ја има истата функција, да ја промовира и унапредува културата во Куманово.

-Институцијата е формирана во далечната 1981 година. Би сакал да споменам и два големи проблема кои ги има нашата институција, а во чии рамки се наоѓа и Театар Куманово. Во Театар Куманово ситуацијата навистина е лоша, но затоа имаме назнаки од министерството за култура дека во најскоро време ќе се среди таа ситуација бидејќи имаме поднесено проекти со цел да се реконструира дел од таа зграда. Исто така, во оваа институција , во центарот за култура, со години наназад немаме централно греење, проектот веќе е изготвен, во контакти сме со министерството за култура и со Владата на РМ и се надеваме дека ќе излезат во пресрет за да може да функционираме во текот на целата година, изјави Сашо Тодоровски, директор на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“

Македонскиот композитор Трајко Прокопиев е роден на 6 ноември 1909 година во Куманово. Како композитор на класична музика, диригент и автор на филмска музика, познат е по употребата на историски, митолошки и народни мотиви од културната ризница на македонскиот народ во неговите дела.

По дипломирањето на музичката школа во Белград го продолжува образованието на Прашкиот конзерваториум. Работи како композитор и диригент. Добитник е на повеќе награди меѓу нив и Октомвриската награда на Република Македонија за животно дело, а со хорот „Кочо Рацин” првата награда на Осмиот интернационален фестивал на хорови во Горица-Италија.

Остварува богато петдецениско творештво, компонирајќи вредни дела, хорски композиции, балет, антологиски опери, филмски музички дела, камерни композиции, базирани на теми и ритмички структури на богатото македонско фолклорно наследство.

 

Коментари

коментар(и)