Одбележан патрониот празник на „Перо Наков“

Повеќе реализирани проекти поддржани од министерството за образование и наука, но и меѓународни проекти од програмата Еразмус + го одбележаа изминатото едногодишно работење на средното стручно училиште „Перо Наков“ , кое што денеска одбележува 73 години од смртта на патронот, македонски револуционер. Освен што беше положено цвеќе пред бистатата на „Перо Наков“  во дворот на училиштето, пред гостите беа презентирани и проектите во кои што е вклучено средното училиште.

-Од поважните проекти ќе ги издвојам следниве:  потпишавме Меморандум за соработка со Младинскиот центар за граѓанско образование УСАИД за замена на старите прозорци и поставување на нови прозорци, исто така имаме и неколку мали грантови за мултиетничка интеграција од МОН и МЦГО , како и Еразмус плус проектите, едниот заврши во мај годинава кој беше со Литванија, Полска, Романија и ние како партнер, а сега добивме нов проект каде што нашите наставници ќе имаат мобилност и стручно усовршување во Италија наредната година, изјави Мила Жибак Димковска, директор на СОУ „Перо Наков“

Благодарница за најдобар и најуспешен наставник во изминатата година е доделена на професорката по македонски јазик, Фросина Милошевска.

-На оваа свечена пригода ќе бидат доделени благодарници на најуспешните ученици по математика, македонски, англиски јазик, сите оние натпревари по повод патрониот празник што беа организирани , како и благодарници за најдобар наставник, најуспешен ученик кој најмногу се истакна во текот на претходната година. Особена чест и задоволство е што како гости пристигнаа и колегите заедно со директорот од збратименото економско училиште од Ниш. Тука се во тридневна посета и денеска се наши специјални гости, изјави Жибак Димковска.

По повод патрониот празник беа реализирани повеќе активности во текот на изминатата недела, еко -акција, спортски натпревари, литературно читање, математички натпревар меѓу учениците на ниво на година, натпревар по англиски , по албански јазик, како и модна ревија и ликовна изложба на учениците во рамките на проект добиен од МОН.

Инаку, училиштето „Перо Наков “ било формирано во 1945 година под името Општо  занаетчиско училиште  „Перо  Наков“. Од 1983 година  училиштето работи во просториите во кои што е и денес , во непосредна близина на спортската сала.

Коментари

коментар(и)