Одбележан Светскиот ден на хуманоста

И оваа година е одбележан Светскиот ден на хуманоста кога треба да се препознаат оние кои се соочуваат со опасност и катастрофа со цел да им се помогне. Денот е назначен од страна на Генералното собрание на Обединетите нации во 2003-та  година.

Светскиот ден на хуманоста е исто така можност за да се прослави духот што ги инспирира хуманитарните работи во целиот свет.

Една од најхуманите организации во светот е Црвениот крст.

-Црвениот крст е една голема хуманитарна мрежа која ја има низ целиот свет. Ние помагаме на луѓето од најзагрозен карактер односно на социјално загрозените семејства , луѓе на кои навистина им е потребна помош. Црвен крст организира најразлични активности со кои им помага на луѓето,  почнувајќи од донирање  на облека па се до  пакети со храна и хигиенски средства. Тука можам да го спомнам и ПХВ проектот ,кој  исто така е една од активностите каде што Црвен крст помага односно младинци изработуваат мали проекти преку кои помагаме на загрозените семејства, изјави Христина Петровска, волонтер во ОО на Црвен крст, Куманово

Општинската организација на црвениот крст од Куманово за прв пат оваа година го доби пехарот за ПХВ  проектите откако се изработуваат овие проекти во циклусот на 2017-та година. Станува збор за мали проекти кои што ги изработуваат волонтерите и помагаат на семејства, а со тоа и на заедницата.

Како што изминатиот период соопштија надлежните,  волонтерите годинава изработиле седум мали проекти со што помогнале  на две семејства од липковското село Лојане, проект за вработување на лице од општина Липково, обезбедиле професионално кимоно за карате на дете, организирале  хуманитарни концерти со што помогнале на семејства да се подмират долговите за електрична енергија и уште многу други проекти.

Оваа година Црвениот крст од Куманово пехарот  го дели со уште две општински организации на Црвен крст на оптина Карпош и на Гостивар.

Инаку, да се биде волонтер во најширока смисла на зборот  значи доброволно да придонесеш за заедницата (и општеството воопшто) без за тоа да бидеш платен.  Како волонтер можеш да помогнеш во организирањето на некој добротворен настан, да бидеш ангажиран во организација која им помага на животните, активно да партиципираш во акцијата за прибирање облека за бездомници, да помогнеш во реализирање на активностите во општината, граѓанските организации и други непрофитни институции.

-Зошто треба да бидеме волонтери ? Тоа е едно чувство што не се опишува со зборови бидејќи со самата помисла дека ќе помогнеш на некој те прави среќен и исполнет . Најчесто организираме најразлични активности , како што се собирни акции, при што избираме една целна група на која ќе им помогнеме и одиме таму правиме проценка што им е потребно , облека, храна и слично. Воопшто не е тешко да се излезе на терен и  да се помогне , само е потребна волја и цел ,  изјави Петровска.

Дека црвениот крст е голема хуманитарна организација која им помага на граѓаните ќе се потврди уште еднаш на утрешната вонредна летна крводарителска акција во организација на општинската организација, која ќе се одржи во центарот за култура „Трајко Прокопиев “ во периодот од  9 до 14 часот.

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)