Околу три милиони денари за локален економски развој

Подобрување на бизнис климата, климата за инвестирање, подобрување на конкурентноста, зголемување на бројот  на работни места, зголемување на бруто домашниот производ , заштита на животната средина  односно  зелена економија, но и подигање на квалитетот на живеење според европски и светски стандарди, предвидува Одделението за локален економски развој во програмата за 2019-та година. Опозицијата во Советот на Општина Куманово врз основа на понудените проекти во годишната програма смета дека ЛЕР се состои во поставување на монтажни куќички за продажба на цвеќе, обновување на постојна и поставување на нова туристичка сигнализација , печатење на брошури и флаери, промоција на сместувачки капацитети и угостителски објекти, избор за најдобар сувенир на Куманово. Дел од советниците велат дека програмата со предвидените проекти речиси во целост е копија на претходната .

-Тука завршува се.  Каде е подобрување на бизнис климата, каде е зголемувањето на бројот на работните места, каде е зголемувањето на БДП, каде е формирањето на нови индустриски зони. Такво нешто не постои. И во 2019- та Секторот за ЛЕР такво нешто нема предвидено. Ќе се занимава со некои маргинални работи. Мислам дека и здружение на рибари има предивдено повеќе активности во 2019- та според оваа програма на економијата во Куманово црно ни се пишува, рече  Драган Петковски, советник

– Како ние ќе ја намалиме невработеноста во Куманово со поставување на монтажни куќички ? Не знам дали при изготвување на програмата одделението го зема предвид она што го пишува.  Смешно е да велиме дека ќе ја намалиме невработеноста, а при тоа за поддршка на малите и средни претпријатија за Неделата на претпримништво ќе предвидиме 180.000 денари , а тоа ќе значи дека тие пари ќе се потрошат за избор на Најдобар претприемач , Жена претприемач, Млад претприемач,  организирање на бизнис форум. Исто ова беше предвидено во минатата година . Тие 800.000 денари за што ќе се потрошат ?  рече Емилија Трајковска, советник

Од Одделението за локален економски развој сметаат дека годишната програма е реална, со дообјаснување дека во тек е изработка на петгодишна Стратегија за ЛЕР, со која се предвидени пет полиња на делување, бизнис опкружување и подобрување на економската состојба , туризам и угостителство, рурален развој,  занаетчиство, млади.

-Драфт верзијата на Стратегијата ќе биде закачена на веб страницата на Општина Куманово каде што секој може да ја согледа и секој може да даде свои сугестии и насоки за подобрување на овој документ.  Знам дека ова сега што го имаме, не е добро, но верувајте дека со самиот документ кој што ќе го направиме ќе ја подобриме бизнис климата во општината. Ако зборуваме за буџетот  од 2 милиони и  800 илјади денари се многу малку, но ќе треба да размислуваме поинаку, како да донесеме пари во Општина Куманово,  а не само да го црпеме буџетот на општината за реализација на некои проекти. Ќе побараме и други финансиски средства. Што се однесува до куќичките, тендерската постапка е веќе завршена, од 800.000 денари се предвидени 7 куќички да бидат поставени и на тендерот цената е намалена на 512.000 денари.  Тоа е во завршна фаза и ќе бидат поставени до крајот на март или почетокот на април месец, рече Ахмет Јашаревски, Одделение за ЛЕР во Општина Куманово

-Точно  дека програмата е таква каква што е , многу кратка, секако дека нашиот град заслужува поголема, пообемна, посодржинска програма , меѓутоа да не заборавиме на финансиската рамка во ставките на буџетот што го донесовме на 26 –ти декември, така што сето тоа и развојните документи што беа донесени тогаш, сето тоа се рефлектира на сите подоцна донесени програми, документи, мора да се движат во рамките на таа финансиска рамка предвидена со буџетот. Во такви услови ние не можеме да креираме и да направиме поширока програма, рече Десанка Стошевска, Секретар на Општина Куманово

Јашаревски планира Стратегијата во мај месец да биде во завршна фаза, а што се однесува до финансиите, со ребаланс на буџет планираат да побараат нови финансиски средства , но не само од Општина Куманово,  туку и од европски фондови. За целосна реализација на предвидените проекти со програмата, Јашаревски смета дека треба да се зголеми бројот на вработени во одделението за ЛЕР за уште двајца.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)