Општината доби донација, возило за лица со попреченост

Специјално возило за лица со посебни потреби денеска доби Општина Куманово , донација од исламското здружение  „Ахмадија“  од Германија и невладината организација „Humanity First“. Возилото ќе биде во сопственост на општината, а ќе се користи за превоз на ученици со попреченост кои што активно посетуваат настава во кумановските училишта, информира градоначалникот Максим Димитриевски.

– Ќе ангажираме професионални возачи кои што по потреба на училиштата ќе превезуваат дел од учениците. Во Куманово има голем број на лица со попреченост, над 800 лица. Во моментов околу 90 ученици посетуваат настава активно во училиштата од кои што одреден број имаат потреба од специјален превоз. До сега тоа го организиравме со ангажман на такси компании. За жал, на последните тендерски постапки во континуитет такси компаниите не покажуваат интерес да се пријават и сме соочени со проблемот да одреден број на деца не посетуваат наставата. Токму ова возило активно ќе го вклучиме за најтешката категорија на ученици на кои што ќе се обидеме да им излеземе во пресрет и секако ова е само почеток, изјави Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово

Претставникот на исламската организација Абдулах Вагус Хаузер и градоначалникот се запознале при дводневната посета на Димитриевски на Карлсруе, Германија каде што разговарале како здружението да му помогне на Куманово.

– Ние веруваме дека муслиманите треба да го почитуваат нивниот Бог и да им помагаат на луѓето. Вие имате градоначалник кој е подготвен да ја прошири каузата на Општина Куманвоо низ светот и ние сме многу импресионирани со тоа што ја остваривме оваа соработка, а особено сме импресионирани од македонскиот народ кој е секогаш истраен и ентузијастички настроен иако понекогаш се соочува со потешкотии. Се надевам дека оваа наша соработка ќе продолжи и понатаму, изјави  првиот човек на организацијата.

-Побаравме одредени средства материјални и го добивме ова прекрасно специјално возило за превоз на лица со посебни потреби за кое што сме максимално благодарни. Ова е само почеток во делот на нашата соработка.  Во мое лично име , во име на граѓаните на Општина Куманово се заблагодарувам за овој хуман гест и на самите раководители на оваа организација и секако на сите вработени. Она што јас таму успеав како градоначалник на Куманово за дводневната посета заедно со моите сограѓани од Куманово кои што ме поканија и кои што се членови на оваа заедница да го научам е дека оваа организација работи за ширење на љубов и взаемно почитување помеѓу граѓаните и исто така сум импресиониран од начинот како го практикуваат волонтеризмот како еден од начините да се помогне на заедницата и на општеството, изјави Димитриевски.

Димитриевски најави дека во текот на следната година општината ќе се обиде да обезбеди сопствени средства за набавка на уште едно вакво возило. Според надлежните,  за непречен превоз на сите ученици со посебни потреби во Куманово потребни се најмалку шест специјални возила.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)