Општината со нова опрема за пожарникарите

Пожарникарите  добија триесет нови униформи . Новонабавената опрема денеска беше промовирана во Територијалната противпожарна единица во Куманово.  Високо професионалната опрема ја набави општината со средства од буџетот во износ од три милиони денари.

– Ова е прва набавка по долги години. Не само нашата противпожарна единица, туку и останатите во државата се соочуваат со сериозни технички проблеми. Успеавме да издвоиме дел од средства за набавка на униформите. Се надеваме дека ќе ја користат совесно и очекуваме да имаат што помал број на интервенции, а да бидат подготвени секогаш да се справат со предизивиците -изјави Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово

Останатите дваесетина пожарникари од вкупно педесетте вработени во Територијалната противпожарна единица ќе ја користат  униформата што  ја носеле досега и работеле со неа. Станува збор за пожарникари, возачи.

-И досега овие луѓе со таа униформа се грижеа, го заштитуваа градот и даваа услуга.  Бројот на пожарникарите во Куманово е далеку под европскиот просек и според стандардите во општината со толкав број на жители, треба да има најмалку 100 пожарникари. Засега нема средства кои би се одвоиле за зголемување на бројот на пожарникарите, бидејќи по преземањето на ингеренциите од МВР, дел од средствата се обезбедени од државата,  а дел општините ги одвојуваат од сопствените буџети , изјави Димитриевски.

Последната набавка на заштитна опрема за пожарникарите била во 2000-та  година , информира командирот на ТППЕ Куманово, Деан Илиевски.

-Сите пожарникари спасители кои се први при излегување на интеревнција ќе ги користат, а пожарникарите возачи ќе ја користат досегашната опрема со која и работевме. Имаме девет возила во исправна состојба, секако дека треба обнова на возниот парк но тоа е поголема инвестиција, очекуваме помош и од државата  и се надеваме дека ќе го обновиме возниот парк, изјави Илиевски.

Од почетокот на годинава до денеска  пожарникарите  интеревенирале 25 пати.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)