Општината ќе вработи 15 лица

15 лица ќе вработи општина Куманово преку проектот „ Образование на Роми и на возрасни лица со интелектуална попреченост. Ова е дел од Програмата Општинско –корисна работа за да се овозможи вклучување на невработените лица преку нивно ангажирање со скратено работно време односно 20 работни часа неделно заради стекнување на одредени вештини и постепено вклучување на пазарот на труд. Јавниот оглас заради пријавување за работно ангажирање во проектот е распишан денеска, а се однесува на три групи, Роми, млади невработени лица евидентирани во Агенцијата за вработување најмалку шест месеци и родители на деца со пречки во развојот.

 – Програмата исто така има за цел на овој начин да се обезбедат услови од социјалната сфера за да им помогне на планот на социјалната вклученост и на останатите ранливи категории лица кои ќе бидат конзументи на услугите од програмата кои живеат на територијата на општина Куманово, изјави Фросина Трајковска, општински координатор

Корисници на услугите на проектот од ранливата категорија на граѓани се две целни групи, членови на двата дневни центри во општината за лица со интелектуална попреченост постари од 18 години, и втората група се Ромите. Целта на предвидените активности е да се подобри квалитетот на живеење на овие лица.

-Од аспект на целната група на млади лица со интелектуална попреченост ќе има активности поврзани со музичко образование, со физичко образование, со театарски вештини, меѓутоа сите тие ќе бидат во функција на нивно базично описменување и образование, ќе се искористат за нивно мотивирање бидејќи ние се уште вистински не сме ни пробале да видиме што тие можат , настроени сме да мислиме дека тие не можат, меѓутоа сега можеме да видиме што тие можат, изјави Фросина Трајковска, општински координатор

Што се однесува на образованието на Ромите, податоците од последниве години говорат за повторно намалување на бројот на децата Роми кои завршуваат основно или средно образование. Со проектот ќе се настојува да се подобри животот на оваа етничка заедница преку враќање и упис на ромските деца во основните училишта, со образование за возрасни Роми, преку помош на децата Роми со попреченост во основното училиште Браќа Миладиновци, како и работа со родителите на овие деца.

-Другата активност е за воведување на ромски јазик и култура, кој е како изборен предмет. Од претходните години тоа не успеавме да го активираме, се надевам дека годинава ќе успееме и ќе започне изучувањето на ромски јазик и култура каде што ќе имаме наши лица кои ќе бидат на терен и ќе водат евиденција во партнерство со локалната самоуправа и со училиштата да ги заведеме, барем да имаме две до три паралелки кои ќе го изучуваат ромскиот јазик и култура изјави Ахмет Јашаревски од  ДРОМ

Јашаревски посочува дека една од причините заради која децата потешко се вклучуваат во наставната програма е недоволното познавање на македонскиот јазик, особено оние што живеат во исклучиво ромски населби. Тоа би можело да се искорени доколку децата од најмала возраст бидат вклучени во некои посебни програми во градинки или во предучилишно образование каде што Ромите ќе го изучуват македонскиот јазик, а потоа паралелно со другите етнички заедници ќе бидат вклучени во прво одделение. Како причина за необразовноста на Ромите се наведува и нивната економска состојба, бидејќи речиси 80 проценти од оваа етничка заедница се социјални случаи, велат од ДРОМ.

Инаку, огласот ќе трае до 27 мај годинава. По завршувањето на рокот, општинската комисија ќе ги интервјуира кандидатите. Избраните ќе бидат работно ангажирани од 1 јуни годинава. За вработените, предвиден е месечен надомест од 6.200 денари со вклучен персонален данок на доход и осигурување( во случај на несреќа на работно место и професионално заболување).

Проектот го спроведува општината во соработка со 11 партнери, Дром, Здруженијата „Порака наша„ и „Порака“, Фондацијата за култура и спорт, Општинскиот Сојуз на спортови и шест основни училишта.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)