Општината ќе одвои 18 милиони денари за спортот

За развој на спортот и рекреативните активности за Кумановци, Општина Куманово ќе издвои 18 милиони денари. Како што е планирано средства ќе се одвојат за развој на натпреварувачкиот спорт, за поддршка на новите клубови, училишниот спорт, спортски манифестации и турнири, кои што се одржуваат во општината.

Претседателот на Здружението на граѓани Општински сојуз на спорт од Куманово, Сашо Петрушевски истакна дека акцент е ставен на врвниот спорт.

-Знаете дека ние имаме кошаркарски клуб кој членува во првата сојузна лига во Македoнија, се натпреварува и во БИБЛ лигата, каде што и оваа година постигнува голем успех. Имаме футсал, три екипи кои се натпреваруваат во прва сојузна лига и машки и женски ракомет-изјави Петрушевски.

Тој нагласи дека општината ќе одвои средства и за училишниот спорт, бидејќи е важно уште од мали нозе младите спортисти да учествуваат во натпреварувањата.

-Даваме поддршка со програмата и на сите оние „помали“ спортови кои во Куманово се доста развиени, атлетика, велосипедизам, стрелаштво, бокс. Сите средства се наменети за поддршка и организирање на натпревари за сите овие веќе споменати клубови-додаде тој.

Петрушевски истакна дека покрај општината, на спортот во Куманово поддршка му даваат и одредени претпријатија.

-Според закон за спорт за акционерство е потребно време за да може да функционира, бидејќи се она што е веќе воспоставена форма на Запад, каде што големи компании вложуваат во спортот и тие средства се враќаат, за жал кај нас вложувањето во спортот малку се враќа. Тоа е она нешто на кое сите спортски работници и сите ние во спортот треба да работиме, за да во иднина сето тоа биде попрофитабилно -изјави тој.

Дека Куманово бележи успех во спортот зборува и фактот што веќе неколку години младите од овој град ги освојуваат првите места во атлетика, велосипедизам, стрелаштво и слично.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)