Општина Куманово купува куќа

Општина Куманово ќе ја откупи старата градска куќа, која се наоѓа на улицата Иво Лола Рибар, попозната меѓу кумановци како Нагорички сокак, бидејќи веќе поседува една половина од неа и земјиштето. Купувањето на  куќата ќе ја чини општината 62.000 евра. Целта е таа да се реконструира и да се направи градска куќа. Во неа ќе бидат сместени невладини организации, здруженија на граѓани кои се залагаат за  промоција на општината и државата. Раководителот на правниот сектор во Општина Куманово, Виктор Божиновски истакна дека се работи за идеа на администрацијата и градоначалникот, Зоран Дамјановски, за која размислувале подолг период.

-Согласно законот за сопственост и други права сопственикот на куќата поднесе уредни понуди до Општина Куманово за продажба на неговата идеална половина. Самата понуда дојде во вистински момент, се одлучивме да ја прифатиме таа понуда која мораше да биде донесе на седница на Совет на Општина Куманово-нагласи тој.

Инаку на последната седница на Советот оваа одлука наиде на негодување од советниците од Коалицијата за подобра Македонија, кои гласаа против истата. Тие сметаат дека е непотребно во овој период да се трошат средства на вакви проекти.

– Еден куп нереализирани проекти на немање пари и куп блокади на општината не знам дали е паметно нерационално трошење на општински односно народски пари. Да купи таков објект и за која намена ќе биде користен објектот –нагласи Злата Божиновска, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

Меѓутоа и покрај незадоволството кај дел од советениците, истата беше усвоена.

-Во врска со тоа дали беше едногласна, не не беше бидејќи ниту една одлука во советот не се носи едногласно и покрај тоа што во овој случај јасно се работи за општ интерес на сите граѓани на Општина Куманово.. Мислам дека направивме одличен чекор напред кон остварување на оваа идеа-нагласи Божиновски.

Тој нагласи дека невладините организации веќе пројавиле интерес за користење на куќата.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)