Општинскиот кризен штаб со препораки до институциите

Општина Куманово да продолжи со превентивно чистење на речните корита на критичните точки во градот,општинската комисија за проценка на штети да излезе на лице место и да ги утврди настанатите штети од излевањето на речните корита, се дел од заклучоците што вчера  ги донесе општинскиот кризен штаб кој заседавше во просториите на општина Куманово.

Општинскииот штаб за заштита и спасување му препорачува на Водостопанство „Кумановко -липковско поле“ да продолжи со преземање активности за чистење на речните корита надвор од градежниот реон.

Од општинскиот кризен штаб информираат дека граѓаните можат да поднесат барање за проценка на штети во периодот од 16 до 21 март, годинава до 14 часот и 30 минути.  Учесниците во дискусијата истакнаа дека при излевање на реките главно е поплавено земјоделско земјиште и потенцираа дека во градот немаше излевање на реките. На состанокот покрај членовите на Општинскиот штаб присуствувале и Секретарот на Општина Куманово Валентина Алексовска, Командирот на ТППЕ Деан Илиевски и претставникот од СВР Куманово Игор Митевски. Биле поканети и претставници од Дирекцијата за заштита и спасување,  Одделение Куманово, РЦУК Куманово и МЗШВ Куманово меѓутоа, како што информираат надлежните,  истите не присуствувале на состанокот.

Инаку, на 11 март, Крива Река се излеа од коритото и поплави поголема површина земјоделско обработливо земјиште и шест викендици во реонот на Јачинце , Довезенце и Клечовце.

На територијата на општина Старо Нагоричане, се излеа реката Пчиња и поплави земјиште во близина на бањата Стрновац.

 

 

Коментари

коментар(и)