Осмомартовски тезги на плоштадот

Десетина тезги за продажба на подароци во пресрет на Денот на жената -Осми март се поставени на плоштадот пред центарот за култура. Новина годинава  е тоа што за тезгите трговците нема да плаќаат комунална такса. Одлуката  за ослободување од плаќање на надоместок за привремено користење на градежно земјиште  односно комунална такса за поставување на подвижни објекти-  тезги на градскиот плоштад пред центарот за култура ја донесоа советниците на последната седница на советот, на предлог на раководителот на Секторот за урбанизам, Лидија Ланг Спасовска.

-Оваа одлука исклучиво се однесува за ЈП Пазаришта. При добивање на одобрение за поставување на оваа опрема ЈП Пазаришта со самиот Сектор за инспекциски надзор ќе достави скица за површина која што смета да ја опфати со поставување на тезгите и точен број на тезги кои што ќе бидат поставени. По добиеното одобрение тој ќе ги постави таму, инспекциските служби ќе вршат надзор и контрола врз основ на одобрение кое што ќе го има  Пазаришта. Никој дуг со оваа одлука не може да постави, освен тие. Ние сме издавале одобренија досега на физички и правни лица меѓутоа пофункционално, поекономично и поисправно е да се работи под капа на ЈП , во овој случај  ЈП Пазаришта,изјави Лидија Ланг Спасовска, раководител на Сектор за урбанизам

За одлуката гласаа 23 советници, од кои четворица беа воздржани. Она што ги интересираше дел од советниците во врска со оваа предлог одлука е колкава површина од градскиот плоштад ќе зафаќаат празничните тезги.

-Бидејќи станува збор за зафаќање на површина која е во сопственост на градот во  одлуката би требало да се прецизира за која квадратура се работи , изјави Миле Андоновски, советник

Како што соопштија од јавното претпријатие Пазаришта закупците плаќаат 150 денари паушал за закуп на дневна основа, а по претходно донесена одлука на Советот на општината, тие се ослободени од плаќање на комунална таска во вредност од 60 денари.

Осмомартовскиот базар со триесетина тезги ќе функционира се до завршувањето на празникот на жената и наредните неколку дена, а кумановци ќе имаат можност да се снабдат со цвеќе и друг вид пригодни подароци за денот на жената. Од јавното претпријатие „Пазаришта“ сметаат дека поради соодветните цени за паушал и ослободувањето од комуналната такса, закупците ќе понудат производи по прифатлива цена за граѓаните по повод Меѓународниот ден на жената. Дел од униформираните бараки кои се понудени за закуп се и оние кои на општината и ги отстапи здружението на угостители „Бисер“ од Куманово.

Коментари

коментар(и)