Отворена изложбата „ШкрабАрт“ на Гоце Божурски

Триесетина дел од ликовниот уметник и историчар на уметноста Гоце Божурски се изложени во уметничката галерија како дел од „ШкрабАрт“. По дведецениска пауза и во меѓувреме претставувања во повеќе европски метрополи и големиот број национални и меѓународни награди, Божурски со самостојна изложба во родното Куманово.

За разлика од препознатливото творештво на Божурски од изминатиот период, кое припаѓаше на специфичен ликовен израз близок на суптилен и носталгичен реалистички концепт низ  рафинирана сликарска постапка, најновите остварувања од циклусот „ШкрабАрт“ (како во областа на сликарство, така и уште повеќе во цртежот) велат критичарите, имаат привид на апстрактни структури иако појдовниот и движечки супстрат е предизвикан од објективната стварност.

„Носен од идејата дека уметноста е начин на живеење, комуникација и интеракција ма едно повисоко ниво, Божурски во своите цртежи прави исчекор и кон освојување на нови просторно-композициски поставки во кои што главно место заземаат графизмите од ѕидните површини , најчесто испишани на урбаните простори на видливи, но не и толку видливи места“, напиша историчарот на уметност Роберт Цветковски, за изложбата на Божурски.

-Повторно е задржана поетиката на просторот низ понагласена лирска  сензуалност, а поводот и инспиративниот контекст се зидни површини со „графизми“ (врежувања, вцртувања, вдлабнувања, вгребувања…)  во вид на љубовни заветувања   кои произлегуваат од обичните искази  и испишани  имиња. Најновите остварувања вообликуваат специфична ликовна форма „осозрена и надоградена“ со високо изградена ликовно естетска  лексика и иновативни решенија. Во нив, наместо впечатливоста од постигнатата материјализација на миметичкиот контекст, се остава простор за „говор на самата сликарска и  цртачка материја“, на текстурата и врежаните графити во sидната подлога, на сензитивните пораки, имагинации, емотивни состојби, на возвишени и растреперени чувствени  состојби и воопшто  како еден вид порака за  љубовта, сакањето, добрината, хуманизација…, изјави Гоце Божурски, автор на „ШкрабАрт“

„Фор ју, мадам“, „Нека ѕвони на цел глас“, „Запис“, „Фенер за вљубени“, „Римски спомени“  се само дел од изложбата „ШкрабАрт“  на Божурски, за кого ликовните критичари велат дека несомнено заслужува признание за својата работа како и за настојувањата своите уметнички остварувања да ги стави во еден поширок контекст.

Над триесет самостојни изложби, голем број групни изложби, учество во работата на дваесетина ликовни колонии во Македонија и регионот, значајни меѓународни награди и плакети за развој на културата во Куманово е само мал дел од богатата професионална биографија на Божурски.

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)