Отворен ден на Армијата за граѓаните

Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, во соработка со локалната самоуправа  денеска организираа отворен ден на Армијата за граѓаните, на платото пред градскиот базен. Манифестацијата е дел од активностите со кои се одбележува неделата на НАТО, 70 – годишнината од основањето на Алијансата и напредокот на Македонија кон членство во НАТО.

Во своето обраќање пред присутните, командантот на здружената оперативна команда генерал-мајор Павле Арсоски, рече дека во годината кога северноатлантската алијанса го прославува овој важен јубилеј нашата држава после речиси тридецениските напори конечно е во еден активен процес на интеграција во НАТО како нејзина 30-та членка.

– Има потреба да се истакне дека нашата најважна национална стратешка определба дефинирана со одлуката на Собранието уште во далечната 1992-ра година е пред остварување и тоа е факт. Во животот секогаш постојат повеќе од еден избори повеќе од едно решение , но во делот на надворешната политика и безбедноста на нашата татковина од нејзиното осамостојување па се до денес зачленувањето во најмоќниот политички сојуз на најнапредните демократии и најразвиените економии во светот немало и нема друга алтернатива. Во таа смисла само ќе го повторам она што сите ние го знаеме, НАТО е воено политичка алијанса на држави со заеднички вредносен систем во однос на демократијата, човековите слободи и права, на просперитет и слободна економија, рече генерал-мајор Павле Арсоски, командант на ЗОК

Присутните имаа можност да проследат повеќе музички нумери во изведба на воениот оркестар, да ја проследат познатата точка на припадниците на баталјонот за почести „Егзирцир“ и да се запознаат со дел од воената техника со која располага Армијата.

-Треба да се има предвид дека во годините кои се пред нас согласно планираното зголемување на буџетот на одбраната и плановите за опремување и модернизација ќе имате прилика да ја гледате нашата армија со се помодерна борбена техника и поголема борбена моќ и способност за остварување на нејзината мисија за одбрана на суверенитетот на татковината , рече Арсоски.

Активностите на отворениот ден ги проследија и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, заменик на началникот на Генералштабот, Азим Нуредин, градоначалниците на Куманово и Старо Нагоричане, Максим Димитриевски и Жаклина Јовановска, како и претставници на јавните претпријатија, училишта и организации од локалната самоуправа.

Коментари

коментар(и)