Откажан Првомајски пикник на Студена вода

Најавуваниот Првомајски пикник на Студена вода е откажан. Здружението на резервни армиски и полициски ветерани иако организационо е подготвено за одбележување на Меѓународниот ден на трудот сепак манифестацијата нема да се одржи поради финансиски причини.

-Пикникот е откажан од едноставни причини. Ние како здружени не можеме да си ги дозволиме тие средства, тука треба автобуси, бина, озвучување. Сите ние сме виновни за оваа ситуација, не поединци, не локалната самоуправа, ако состојбата е таква нека биде таква нека оваа година не одиме на пикник. На жалост, јас не би сакал со погрдни зборови да се изразам кон локалната самоуправа бидејќи и тие имаат свои проблеми меѓутоа навистина не сме во можност,  да бевме со задоволство ќе го направевме, изјави Киро Соларски, претседател на Здружение на резервни армиски и полициски ветерани

Пикникот не се одржа ниту минатата година, иако претходните пет  години беше  добро организиран и многу посетен, додава Соларски.

-Тоа беше задоволство, да се видат луѓе кои не можат да си дозволат да излезат на пикник, а тоа беше Студена вода.  Ние првпат кога организиравме обезбедивме 1500 оброци за граѓаните, сега не можеме толку, но барем да обезбедиме бина, озвучување, културно уметнички друштва, кои секогаш прифаќаат покана за такви манифестации, а на народот тоа му треба. Уште во Втората светска војна луѓето оделе на пикник, со некое лукче, јајце, сиренце, и да има озвучување музика, тој ден да се почувствуваат како слободни граѓани, изјави Соларски.

Од Здружението се надеваат дека за наредната година ќе бидат подобро организирани и навреме ќе обезбедат доволно пари за излетот кај Доброшане.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)