Откажан протестот кај пругата во Режановце

Се откажа  најавениот протест во селото Режановце откако мештаните добиле ветување од надлежните  дека ќе биде вградена канализационата цевка во пругата. Ова беше нивното единствено барање, во спротивно најавуваа дека со протести ќе ги сопрат градежните работи, односно реконструкцијата на делницата Куманово –Бељаковце која е дел од проектот Железнички Коридор 8. Претставници од Министерството за транспорт и врски и Македонски Железници-Инфраструктура вчера попладне одржале состанок со првите луѓе на месната заедница.  Притоа им објасниле дека вградувањето на цевката во пругата не е предвидено со постоечкиот проект и дека за било каква измена во проектот треба да се побара согласност од Европската банка за обнова и развој бидејќи пругата се гради со кредит од банката, но доколку  во рок од 15 дена  европските инвеститори не одобрат пари за овој зафат, на жителите им било ветено дека барањето ќе биде исполнето со средства од јавното претпријатие МЖ – Инфраструктура .

-Без документ немаше да го одложиме протестот, имаме документ дека ќе се прави, добиен е и ќе се ископа, ова е најбитната точка за селото, од ова зависи дали ќе има канализација. Нашето барањ е  да се ископа 42 метри, да се стави канализациона цевка и за вода и за струја и за кабловска телевизија, ова е главното барање на мештаните. Позитивно ни одговорија, документите се тука, во корист на жителите, изјави Зоран Крстевски, претседател на М.З. Режановце

Повеќе од 20 години мештаните бараат од надлежните да постават канализациона мрежа во селото како што има во соседните Лопате и Опае, и многу други села кои имаат значително помалку жители од Режановце, кое брои  1.000.

-Во ова село веќе 20 години живееме во лага да се направи канализација , водата веќе е загадена, селотоо е загадено, водата кај нас излегува на еден метар, селото е најбогато со вода, меѓутоа ја префрлуваат топката едни на други не лажеа. Нас ни е најбитно да го прекопаат ова за канализациона цевка а понатаму ќе си бараме од општината бидејќи имаме сознанија дека е поминато на Совет, дека  тоа се прави со донации од странство, тоа не го прават ни Владата, ни општината, изјави Станимир Митковски, од М.З.Режановце

Засегнатите жители сметаат дека најбитно е пробивањето на патот односно местото кое е под надлежност на Македонски железници, а потоа ќе бараат средства од општината за доградување на канализационата мрежа, која е дојдена на 100 метри од влезот на селото и е приклучена на Филтер станицата во градот. Според претставници на месната заедница во понеделник треба да започнат ископувањата, доколку тоа не се случи во вторник ќе излезат на протести кај пругата.

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)