Отпочната постапката за сообраќајна студија за ГУП

Речиси две децении Куманово нема Генерален урбанистички план од причина што се потребни големи финансиски средства за неговата изработка, а во општинскиот буџет, како што велат надлежните , пари за ГУП нема. Голем дел од граѓаните на Куманово токму поради овој проблем, не можат да добијат дозволи за градба. Во име на граѓаните, на последната седница на Советот на Општина Куманово, советникот Зоран Петрушевски ги праша надлежните од Секторот за урбанизам кога Куманово ќе добие Генерален урбанистички план.

-Овде во програмата пишува дека е отпочната постапката за донесување на планот, па сакам да ни кажете до каде е таа работа, колку време тоа ќе трае, бидејќи без овој документ ни се врзани рацете и на нас да планираме, а и на граѓаните имаат еден куп проблеми поради оваа работа, рече Зоран Петрушевски, советник

Новата раководителка на Секторот за урбанизам, Емилија Сларидис Јаневска објасни дека одлука за пристапување за изработка на ГУП е донесена уште од Советот во 2012 –та година, но дури минатата година е отпочната постапката за изработка на сообраќајната студија како еден дел од Генералниот урбанистички план. Тендерската постапка е завршена и се чека кој од понудувачите ќе биде избран, рече раководителката.

– Сообраќајната студија е еден дел што е потребен како влезен податок за самото изготвување на Генералниот урбанистички план, која како документ содржи повеќе студии кои се неопходни да се изработат, а за истите се потребни финансиски средства. Општина Куманово изминатите неколку години, бидејќи не располага со толкава финсиска моќ сама да го изработи Генералниот урбанистички план, на јавните повици отворени од Министерството за транспорт и врски аплицираше меѓутоа последната апликација сеуште не ни е оддобрена. Го чекаме повикот во 2019 година повторно да се обратиме се со цел оваа постапка што побрзо да биде, бидејќи и те како му е потребна на Куманово, – рече Емилија Сларидис Јаневска, раководител на Сектор за урбанизам

Новото општинско раководство со цел да го реши проблемот формираше јавно претпријатие „Куманово-план“, кое меѓу другото ќе има задача да го изработи Генералниот урбанистички план. 

Јавното претпријатие за изработка на просторни и урбанистички планови „Куманово-План”, вчера официјално почна со работа, информираа од Општина Куманово.

 Со формирањете на ова претпријатие, општината ќе го преземе во надлежност планирањето на урбаното уредување на просторот во градот, што претставува пример за суштинско имплементирање на децентрализацијата во овој сегмент.

 Одлуката за формирање на ова претпријатие, ја донесе Советот на Општина Куманово, по иницијатива на градоначалникот Максим Димитриевски. Од Општината велат дека претпријатието ќе придонесе за современо просторно и урбанистичко уредување на градот.

 Во претпријатието работи стручен тим од единаесет лица, сместени во центарот на градот,  во зградата на поранешен Катастар, ул. „Гоце Делчев„ . В.Д. директор на ова претпријатие е Горан Митевски, поранешен градски архитект.

Коментари

коментар(и)