Оштетен мост – опасност за жителите на Карпош

Стотина ученици од населбата Карпош секојдневно по неколку пати поминуваат по оштетениот и небезбеден мост на улицата 100 одејќи кон училиштето. Кога има врнежи од дожд децата во најголем број случаи со наводенета облека и калливи  ја следат наставата. Вистинска опасност  за нив, но и за останатите граѓани на населбата е да се движат по поткопан мост на кој нема патека за пешаци, дел од оградата е урнат,  а покрај него има и огромна бездна која води директно во одводниот канал,  посочуваат родителите.

-Единствен начин да дојдат до училиштето е да ги носат родителите со автомобил бидејќи овде се прави езеро кога паѓа дожд. Вкупното количество вода што тече  од Салонот и од споредните улици се слева на главната улица односно на мостот. Овде се прави езеро. Ако родителот нема возило да го однесе детето на училиште, тое цел ден ќе биде мокро, изјави Горан Славковски, претседател на Совет на родители во ООУ „Магдалена Антова“

Пред дваесетина дена членови од Советот на родители се сретнале со градоначалникот Зоран Дамјановски од кого побарале да се направи комплетна реконструкција на мостот, да се прошири и да се изградат пешачки патеки. На средбата, како што вели Славковски, им било ветено дека Бирото за правење планови и нацрти набрзо ќе направи проценка за потребните финансиски средства кои треба да ги даде општината  за мостот.

-Му предочивме на градоначалникот дека овој мост е доста оштетен, дури 95 проценти според кажувањата на еден човек што е во Совет на родители, градежен инженер кој го гледал мостот и кажа дека мостот одоздола е одделен. Ни кажа дека Бирото  кое работи на такви проекти е зафатено со други планови, поточно за канализација и рече дека после први април ќе почнат да работат овде, меѓутоа еве,  дали временските услови дали нешти друго ги има спречено се уште нема одговор, изјави Славковски.

– Точно е дека ова е вистински проблем, но сепак се очекува на поволни временски услови за да се почне со реконструкција на целиот мост . Тоа е веќе влезено во програмата, за тоа е запознаена  општината, изјави Гоце Јовановски, претставник на М.З.„ Карпош“ и член на Совет на родители

Загрижени за безбедноста на своите деца, освен нов, проширен мост родителите бараат и почесто патролирање на полицијата во населбата бидејќи по главната улица каде што фреквенцијата е огромна  најчесто се вози со неприлагодена брзина на условите на патот. Во населбата живеат близу 8.000 жители од кои 700 се ученици во основното училиште Магдалена Антова.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)