Пакетчиња од општината за децата без родители

Општина Куманово денеска израдува триесетина деца без родители и родителска грижа, сместени во згрижувачки семејства, како и деца под старателство на своите блиски роднини. Градоначалникот Максим Димитриевски во придружба на Дедо Мраз им подари новогодишни пакетчиња, а потоа децата имаа можност и да се фотографираат. Димитриевски посакувајќи им  успешна 2019-та година рече дека општината е отворена за соработка со згрижувачките семејства.

-Ние како Општина стоиме на располагање не само за Нова година, туку сакам и посакувам да дојдете да не посетите и во другите периоди од годината, бидејќи општината треба да ја чувствувате и вие, а и вашите дечиња како своја. Вратата е отворена за сите, без разлика што средствата со кои што располагаме ни се скромни, сепак имаме можности на еден, друг или трет начин да помогнеме. Нека оваа година биде успешна, да има што помалку потреба да се интервенира во делот на социјалната заштита и да се подигнат стандардите на животот, рече Димитриевски.

Димитриевски им порача на децата да се образуваат и да ги слушаат згрижувачите кои што решиле во животот да им бидат родители.

– Се надеваме дека во следниот период ќе следува просперитет и поубава иднина, барем овие деца кои се тука со нас, да израснат во едни здрави и правилно оформени личности, секоја посебно за себе и еден ден да не среќаваат на улица, да не поздрават и секако да бидат благодарни на сето она што вие го правите и ќе го направите во нивниот живот за да се искачат до таа цел, бидејќи можеби токму меѓу нив тука седи некој од идните градоначалници или градоначалнички, рече Димитриевски.

Новогодишни пакетчиња од Општина Куманово вчера добија и децата и учениците од ромската етничка заедница. Градоначалникот Димитриевски и советникот Самет Салиевски им посакаа среќни новогодишни празници со желба за поголеми успеси во образованието.

Претходно пакетчиња беа донирани и на детското одделение во Општа болница Куманово.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)