Панел дискусија за дискриминација на ЛГБТ заедницата

Асоцијација за здравствена едукација и истражување – ХЕРА, Коалицијата Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници во соработка со Општина Куманово денеска организираа панел дискусија за Унапредување на заштитата од дискриминација, со акцент на дискриминацијата кон ЛГБТ заедницата во Куманово.

Со проектот е формирано и Координативно тело за заштита од дискриминација во Куманово, Штип и Струмица, чија основна цел ќе биде да се подигне јавната свест за штетата која дискриминацијата може да ја нанесе.

Како што вели координаторот на проектот Драгана Дрндаревска, кога станува збор за дискриминација врз припадници на ЛГБТ заедницата има многу малку пријавени случаи до надлежните институции.

Кога станува збор за дискриминацијата кон ЛГБТ заедницата имаме пријавување, платформа за документирање на случаи од Куманово, меѓутоа најчести форми се говор на омраза и насилство од омраза кон оваа заедница, која кога ќе дојде до полицијата или некое лице сака да пријави во полицијата, таа не е многу сензитивна за овој проблем, ретко се преземаат конкретни акции од страна на полицијата, она што е уште позагрижувачки е што лицата се плашат да пријават бидејќи не веруваат дека полицијата ќе ги третира професионално, односно се плашат дека ќе го издаде нивниот сексуален или родов идентитет на околината и тоа ќе се дознае, посебно во помалите места тоа се појавува како проблем – изјави Дрндаревска.

Како што вели Огнен Јанески од Управниот одбор на Коалицијата СЗПМЗ,  дискриминацијата е присутна и при вработувањето, па поквалификувани кадри не ја добиваат работата поради нивната сексуална ориентација.

Во помалите средини генерално дискриминацијата е од школска возрас, имате момче или девојче кои што не наликуваат на стандардите на кои треба да наликуваат, момче кое можеби е премногу исфеминизирано или девојче кое како се вели е помашка и автоматски имате проблем со ученици кои ги малтретираат затоа што изгледаат поразлично од стандардот во кои што едно општество има замислено дека треба да изгледа едно момче или девојче. Она што јас често го кажувам, на пример доколку имате партнери двајца мажи или две жени и доколку еден од нив заврши во болница, партнерот со кој што е можеби неколку години нема право да го посети затоа што не му е ништо, бидејќи државата тоа не го препознава – рече Јанески.

Заменик Народниот правобранител, Насер Весели, рече до сега до канцеларијата на правобранителот немало поднесено никакви претставки од страна на ЛГБТ заедницата во Куманово.

Ние директно не постапуваме по предмети од дискриминација, вклучувајќи ја и дискриминацијата кон овие граѓани, туку ги препраќаме во Скопје, што не значи дека не постапуваме, предметот таму се формира и завршува, меѓутоа ако се работи за државен орган или инстутиција од јавна власт и ние од подржуната канцеларија собираме докази, разговараме со дискриминаторите, ако се работи за дискриминација и собраните податоци со собрани докази ги предавеме во Скопје – изјави Весели.

На панел дискусијата беше презентиран и видео спот изработен во соработка со Општина Куманово кој треба да ја подигне јавната свест со цел да се намали дискриминацијата на локално ниво.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)