„Панче Пешев“ се подготвува за вториот меѓународен фестивал

Ансамбли од шест држави и шест до седум ансамбли од Македонија ќе учествуваат на вториот меѓународен фолклорен фестивал „Куманово“  во организација на културно -уметничкото друштво „Панче Пешев“. Со вкупно 500 учесници планирано е фестивалот да се одржи од 20 до 24 јули годинава на специјално направена бина на градскиот плоштад, а во случај на лоши временски услови ќе се одржи во центарот за култура „Трајко Прокопиев“, информира претседателот на Одборот за организација на фестивалот и на КУД „Панче Пешев“, Мирослав Крстевски.  

-Шест држави ќе учествуваат меѓутоа имаме доста заинтересирани и од соседството, но ние ќе настојуваме да обезбедиме учество на дел од оние земји кои не учествуваа на првиот фестивал . Сега ќе земат учество ансамбл од Хрватска и од Црна Гора, како атракција е планирано и договорено учество на Мексико од Јужна Америка, Северен Кипар, во план се уште 4 земји , а можеме да примиме само уште две држави, настојувам да влезе Грузија или Русија. Пред два- три дена добив информација дека можам да обезбедам ансамбл од Јужна Африка, но бидејќи не можат без виза, не знам што ќе направиме. Во секој случај може да се случи да ја имаме повторно Колумбија, но со нов национален ансамбл, не тој од лани. Од Македонија имаме ансамбли од Скопје, Битола, Струмица и Гевгелија, изјави Мирослав Крстевски, претседател на Одбор за организација на фестивалот и на КУД „Панче Пешев“  

Иако се уште не е утврдено кој ансамбл ќе го отвори четиридневниот фестивал , сепак постои можност да се обезбеди еден национален ансамбл од соседните земји како што се „Коло“  од Белгад , Србија или Национален ансамбл „Бугари“  од Бугарија. Инаку, КУД „Панче Пешев “ веќе е дел од Мрежата за фолклорни фестивали во Јужна Европа и Африка, информира Крстевски.

-Во секој случај ќе биде квалитетен фестивал, а за наредната година планираме фестивалот да се вклучи во светска CIOFF организација на меѓународни фолклорни фестивали на светско ниво, каде што ќе влеземе во тој светски календар со нашето организирање на овој фестивал и ќе имаме прилика било која земја од светот да ја донесеме во Куманово, зависно од тоа какви организатори и домаќини ќе бидеме, а ланскиот фестивал помина во одлична организација. По завршувањето на ланскиот фестивал имавме прилика да се заблагодариме на големиот број спонзори, а посебно на помагатели и организатори кои ја помогнаа манифестацијата, градоначалникот и Советот на Општина Куманово, министерството за култура, благодарност изразивме и на сегашниот технички премиер Оливер Спасовски кој помогна на секој начин фестивалот да биде успешен, изјави Крстевски.

Вториот меѓународен фестивал и годинава финансиски ќе биде поддржан од министерството за кулура и од Општина Куманово. Организаторот се надева дека од општинскиот буџет ќе бидат одвоени повеќе средства од минатата година.

-Од министерството за култура ни обезбедија 400.000 за организација на фестивалот иако ние баравме 1.700.000 денари. Истата програма ја доставивме и до општината и се надеваме дека, како што ни вети градоначалникот, ќе бидат дадени повеќе пари. Лани општината не помогна со 410.000 денари,  верувавме дека оваа година ќе одиме на 600.000 денари и со обезбедена бина. Слушам од луѓе дека се обезбедени 200.000 , но ќе поразговарам со градоначалникот да бидат обезбедени повеќе средства, изјави Крстевски.

Првиот меѓународен фолколорен фестивал , „Панче Пешев“ успешно го реализираше летово од 16-ти до 18-ти јули во центарот за култура, а подоцна во салата на МКЦ „Козјак“ беше промовиран и видео запис од трите фестивалски вечери каде што настапија 12 културно -уметнички друшта и ансамбли од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Бугарија и Колумбија.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)