Привршува изградбата на паркот за миленици во Куманово, соопштија надлежните од општината.
Екипи на јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ хортикултурно го уредуваат паркот, кој е лоциран во близина на спортската сала.
Општина Куманово за изградба на паркот за миленици одвои околу 900.000 денари со вклучен данок на додадена вредност. На јавната аукција избрана е кумановската компанија „Арс дизајн ДООЕЛ“.
И во стариот градски парк, преку изградбата на т.н.„Смарт парк“, предвиден е дел за миленици. Овој парк се гради преку проектот на Центарот за развој на североисточниот плански регион „Подобрување на инфраструктурата за развој на алтернативни форми на туризам, спорт и животна средина“ и предвидени се повеќе содржини.
Во паркот, кој се наоѓа во близина на автобуската станица, ќе има нов простор за спорт и рекреација, нови пешачки патеки, нови смарт-клупи, соларни канделабри, ново детско катче, парк за миленици.