Патиштата делумно проодни

Сите регионални патишта под надлежност на „Македонија пат“ низ Општина Куманово се делумно проодни.

Како што пишува во извештајот на Регионалниот центар за управување со кризи проодни се и градските патишта во Општина Куманово, а немало поплаки од граѓаните, освен во приградските и селски средини каде се уште има отсечени патни правци.

Се прават напори во текот на денот да заврши чистењето на Никуљски пат во населбата Карпош, а расчистени биле патните правци кон селата Пчиња и Студена Бара. Доколку се во можност од Општинскиот кризен штаб во текот на денот ќе биде организирано чистење на патиштата во селата од которскиот крај, односно Орашац, Кучкарево и Габреш, а Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ е вклучено во расчистувањето на градскиот плоштад, тротоарите и улиците низ градот.

Локалниот патен правец од село Винце кој гравитира кон Горно и Долно Којнаре е расчистен и во моментот е прооден. Непрооден патот бил кон селото Брзак и тоа во должина од 3,5 километри, а од Општина Куманово се очекува до крајот на денот да биде испратена машина за расчистување на снегот.

Отежнато се одвива сообраќајот на патните правци кои гравитираат низ Општина Старо Нагоричане, каде скоро сите планински села се блокирани, а надлежните испратиле барање за интервенција на Дирекцијата за заштита и спасување.

Во текот на вчерашниот ден од страна на „Македонија пат“ бил исчистен локалниот патен правец од селото Жегљане до село Кокино. Како што додаваат од Регионалниот центар за управување со кризи, пробиен е и патот кон селото Младо Нагоричане во маалото Пилинац, а денес се планира расчистување на патот од селото Макреш до селото Бајловце, а снабдувањето со струја во селата е нормализирано.

Локалниот сообраќај во Општина Липково е нормализиран, а патните правци се проодни, но сообраќајот се одвива во тешки услови. Завеани и отсечени се селата Гошинце и Руница, каде патот е прооден само за тешки моторни возила. Како што додаваат од РЦУК најкритично е во селото Белановце каде поради наноси од снег патот е во прекин, а општината денес ќе се вклучи во расчистување на селото Гошинце.

Во текот на вчерашниот ден Општина Липково во соработка со екипите на Дирекцијата за заштита и спасување започнаа чистење на патниот правец Липково – Глажња – Гошинце.

Како што ингформираат од АМСМ затворени за сообраќај се патиштата кон селата Герман, Гошинце и Алешевце. Врнежи од слаб снег во раните утрински часови се бележат во Крива Паланка, за каде се препорачува внимателно возење поради наноси од снег на патниот правец Куманово – Крива Паланка.

Проблеми има и на автопатот Куманово – Табановце кој вчера поопладне не бил расчистен. Пред границата имало километарска колона од превозници со камиони кои чекале со часови да ја преминат границата. На границата биле забележани и голем број возила кои чекале да го продолжат патот кон Србија.

Како што најавуваат метеоролозите деновиве ќе се задржат ниските температури, па на одредени места ќе има и појава на голомразица, при што се апелира возачите да бидат екстремно внимателни и да не патуваат без поголема потреба.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)