Патронажни сестри дел од проектот „Учиме заедно“

Обука на патронажни сестри за поддршка на семејствата и деца со пречки во развојот е дел од проектот „Учиме заедно“ кој денеска  беше реализиран во Куманово.  Програмата  има цел да ги едуцира патронажните сестри за да посамоуверено и покомпетентно се грижат за децата со посебни развојни потреби и за нивните семејства. Освен патронажните сестри во проектот се вклучени и родители на деца со посебни развојни потреби,  патронажни сестри – едукатори, техничари и акушерки и претставници на релевантни владини институции.

– Поливалентната патронажна служба има дваесет и една патронажна сестра. На обуката се присутни единаесет патронажни сестри од Здравствениот дом Куманово. Присутни се и гости од Центарот за социјални работи, дефектолог и претставници од средното медицинско училиште – вели Љиљана Ивановска, главна сестра на поливалентна патронажна служба во Куманово.

Обуката содржи шаблон дизајниран да се зајакне системот на патронажна служба во земјава. Оваа програма треба да се имплементира во рамки на постоечкиот систем за здравствена и социјална заштита и да се обезбедат соодветни ресурси со кои ќе се гарантира успешно спроведување во формалното образование за медицинските сестри.

-Во 2012 развивме проект за истражување на патронажните служби во земјава и констатиравме дека недостасува едукација за рано откривање и препознавање на деца со пречки во развојот. Со поддршка на универзитетот од Северна Ирска направивме едукативна програма која се состои од девет модули. Програмата има цел да ги обучи сестрите за да можат да им помогнат на семејствата кои имаат деца со пречки во развојот за да се движат низ институциите и да направат конекција со одредени служби- објаснува Велка Гавровска Лукиќ, претседател на Здружението на медицински сестри.

Целта е да се обезбеди стимул за зголемени можности за обука на патронажните сестри на работното место и екстензија на редовното образование за медицински сестри со кои ќе се опфати темата за потешкотии во развојот. Семинарот е во траење од два дена, а освен патронажната служба од Куманово опфатени се и Кочани, Штип,Свети Николе,Крива Паланка и Пробиштип.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)