Педесетина стопанственици на Бугарско- македонскиот бизнис форум

Педестина стопанственици денеска беа дел од Бугарско -македонски бизнис форум на кој се разговараше за можностите за подобрување на соработката меѓу двете држави со цел македонските и бугарските компании со заеднички сили да обезбедат подолгорочно опстојување на меѓународните економски пазари. Според организаторот на форумот , здружението за поддршка на мали и средни претпријатија во Бугарија „Обединети бизнис клубови“ многу е битно компаниите од двете држави секогаш да бидат иновативни за да можат да се изборат на пазарот.

Претседателот на здружението, Веселин Халачев, кој што воедно е и член на Одборот на директори  на Европската алијанса на мали и средни претпријатија , со европски фондови и програми информираше дека Бугарија искористила над 30 милијарди евра од Европската Унија, порачувајќи им на македонските стопанственици да ги користат европските фондови преку претпристапните програми ИПА И ИПАРД, но и да аплицираат директно во Европската комисија, со цел подобро да се развие бизнисот во Македонија и да бидат компаниите конкурентни.

Бизнис форумот го отвори градоначалникот Максим Димитриевски  посочувајќи дека Општина Куманово сака да гради мостови на контакти, на поврзување и на пријателства, кои што подоцна ќе резултираат со конкретна реализација на проекти.

„Го отвораме овој бизнис форум со цел да ги размениме взаемните искуства, взаемните контакти, да воспоставиме врски кои што креираат нови идеи и кои што ќе резултираат со нешто конкретно во бизнисот , а тоа е профитот“ рече Димитриевски.

Амбасадорот на Република Бугарија во Р.С.Македонија , Ангел Ангелов  зборувајќи  за потпишаниот Договор за пријателство и добрососедство рече дека претставува добра рамка која што сега треба да се исполни со содржини , а токму бизнис форумите се дел од содржните кои што ги сакаат  граѓаните и на двете држави.

Пред бизнизмените на форумот се обрати и министерката без ресор  задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, која рече дека Владата на РСМ веќе две ипол години води успешни економски политики на градење на атрактивно, стимулативно и предвидливо деловно опкружување во кое на компаниите не зависно дали се домашни или странски им се обезбедува пристап до сериозна финансиска поддршка преку транспарентни  постапки  со правни процедуари и акти кои се јавно отворени и достапни во услови за отпочнување и водење на бизнис.

„Денес на СМ се гледа како на безбедна и заштитена земја со силни економски перспективи со Влада која деловниот сектор го препознава како свој партнер во градењето на севкупниот економски развој“ рече , меѓу другото Апостолска.  

Таа пред присутните ги претстави економските политики  и услови за можностите за инвестициски проекти.

Бизнисмените денеска имаа можност да слушнат за услови и можностите за инвестирање и отворање бизнис во индустриската зона Речица од презентацијата на раководителката на Секторот за урбанизам , Емилија Сларидис – Јаневска.

Бугарско –македонскиот бизнис  форум се одржа под мотото „Заедно можеме повеќе“.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0 0

Коментари

коментар(и)