Повредени десет градежни работници, четворица потешко

Десет работници се повредени, од нив четворица потешко, при изведување на градежни активности на локација на улиците „Васко Карангелевски“ и „АВНОЈ“ во населба Зелен рид, информираа денеска од Општата болница Куманово, а случајот го потврди и СВР Куманово. Повредените работници веднаш се префрлени во Ургентниот центар и од нив првично  двајца, а дополнително во текот на денот уште две повредени лица , според директорката на болницата Снежана Захариева, се префрлени во Ургентен хируршки центар на скопските клиники.

-Добивме итна дојава дека кај нас ќе се донесат десет повредени работници. Веднаш се екипиравме и се тргна кон Ургентниот центар. После половина час дојдоа колешките кои што ги згрижиле пациентите кои што учествувале во реанимацијата, инаку првично сите се прегледани од двајца хирурзи, едниот е ортопед, другиот е  дигестивен хирург. Двајца пациенти биле во критична состојба, едниот е донесен во бесознание, вториот тука веќе почнува после првичниот преглед да запаѓа во бесознание, затоа им е обезбеден дишен пат, интубирани се и двајцата и во придружба од доктор и медицинска сестра, значи комплетна екипа на Итна медицинска помош се префрлени до Ургентниот хируршки центар при скопските клиники. За останатите пациенти во тек се прават иследувања, ренген снимки, но сите се во стабилна состојба. Истите според консултација со дежурните хирурзи ќе бидат задржани кај нас во дневната болница, ќе се следи нивната состојба, доколку има потреба ќе се хоспитализираат кај нас или пак ќе бидат упатени во Клиничкиот центар. Доколку се добри ќе бидат пуштени на домашно лекување, изјави Снежана Захариева, директор на Општа болница Куманово

Од СВР Куманово потврдија дека кај нив е пријавен случај дека има повредени градежни работници и информираа дека екипите се на терен и вршат увид.

Во врска со случајот во соопштението од ОЈО се вели: Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово заедно со екипи од крим-техника при Министерството за внатрешни работи и вешти лица вршат увид на локација на улиците „Васко Карангелевски“ и „АВНОЈ“ во Куманово, каде што претпладнево, при изведување градежни работи, беа повредени десет градежни работници.

– Според првичните сознанија, осуммина работници во несреќата се здобиле со полесни повреди и се пуштени на домашно лекување, додека двајца, поради сериозноста на повредите, се префрлени во Ургентниот центар на скопските клиники, се вели во соопштението од ОЈО.

По наредба на јавниот обвинител, локацијата е обезбедена и се работи на прибирање и вештачење на сите траги кои можат да помогнат за утврдување на причините за несреќата.

Инаку, во телефонски разговор со инвеститорите, Телевизија Плус доби уверување од нив дека за време на извршување на градежните работи превземени се сите потребни мерки за заштита при работа според важечките закони и прописи во РСМ. Превземени се и дополнителни мерки за целосна заштита при работата како пример се наведува, заштита на јама со изработка на армирани бетонски колови,  а се со цел да се спречи обрушувањето на земјиштето. Истото е спречено што и придонело  да не дојде до потешки последици, но во случајот како што тврдат инвеститорите, несреќата се случила при изведување на армирачки работи на темелна плоча која е составена од две зони на армирање, при што горната зона попуштила поради преголем товар на снопови железо и извршила притисок врз вработените кои работеле  што помеѓу нив.

Полицијата работи на целосно расчистување на случајот.

Коментари

коментар(и)