Подобрена финансиската состојба на ЈП „Пазаришта“

Јавното претпријатие „Пазаришта“ 2014-та година ја заврши со загуба од околу 3,5 милиони денари, додека 2015-та година  ја започна со добивка од 1, 5 милиони денари во првиот квартал.  Исто така и последниот квартал од 2014-та година е зголемен за 900 илјади денари за разлика од претходната. Советниците  на седницата на Советот на Општината Куманово упатија критики за работата на ЈП „Пазаришта“ и препорачаа превземање на мерки за штедење. Дел од нив посочија дека платите на вработените од п се зголемени, а приходите намалени. Советниците потенцираа дека претпријатието сеуште не обезбедило соодветна просторија  за продажба на млеко,млечни производи и  јајца.

– Она што ми паѓа во очи е нивото на средства потрошени за спонзорства, репрезентации и реклами кои за 2014 година изнесуваат повеќе од 1 милион денари што за едно јавно претпријатие е премногу, особено поради константната загуба од година во година. Средствата потрошени за оваа намена се околу 4 насто од вкупниот прихот на претпријатието , вели Драган Петковски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

Од „Пазаришта“ објаснуваат дека загубата од минатата година е резултат на 11 нови вработувања со отворање на пазарот за стари работи и пазарот на големо. Од претпријатието велат дека работат во позитива за разлика од порано бидејќи дивите продавачи се отстранети, а најавуваат и отворање на нов цветен и авто пазар.

– Има неколку варијанти за локација на цветниот пазар, кај градскиот стадион или кај паркот.  Во план е и отворање на авто пазар во Којнаре, вели Илир Саити, директор на ЈП „Пазаришта“.

Саити информира дека ценовникот за закуп на тезги и годинава ќе остане непроменет. Инаку цените за закуп на тезги се движат од 21 илјада на малиот пазар лоциран на булеварот „Октомвриска револуција“ и до 42 илјади за тезга на зелениот пазар.

– Нашата економска состојба не ни дозволува да ги покачиме цените на услугите иако пазарот во Куманово работи со најниски цени во Македонија, вели Саити.

Советниците со препорака до ЈП „Пазаришта“ – вработените да направат програма за својата работа бидејќи единствени приливи на финансиски средства се од издавање на закуп на тезги. Инаку претпријатието има 57 вработени и во наредниот период не планира нови вработувања.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)