Подобри услови за гласање за лицата со попреченост

Над 63 проценти од гласачките места во североисточниот регион се непристапни за лицата со попреченост, особено за оние кои се во инвалидска количка, беше истакнато на денешната тркалезна маса насловена Еднакво учество на лицата со попреченост во изборниот и политичкиот пристап во Македонија, која ја организираше Здружението за промоција и развој на инклузивно општество Инклузива. Истражувањето покажало дека гласачката кутија не е на соодветна височина за да може лицето само да остави своето ливче.

-Исто така кабината е непристапна односно е со мала заштита на тајната на гласање и многу лица со попреченост одлучиле да не гласаат за да не се наруши нивната тајност. Имаше реакции и од лицата со попреченост дека програмите на партиите воопшто не се достапни за лицата со оштетен вид, и за лица со интелектуална попреченост. Наша препорака ќе биде да бидат достапни во аудио верзија и на лесно разбирлив начин но ќе видиме што ќе се случува-истакна Благица Димитровска од Инклузива.

Димитровска потенцираше дека за истражувањето биле спорведени фокус групи и анкетни прашалници лице в лице со лицата со попреченост. По завршување на тркалезните маси, ќе се извлечат препораки.

-Лицата кои не можат да пристапат до гласачкото место и се информирани дека тоа гласачко место е непристапно поднесуваат барања за гласање во домашни услови но за жал овој пат сите не го остварија своето право затоа што  беше потребен документ од Центар за социјални работи но не беа навремено известени и речиси 30 проценти не можеа воопшто да го остварат своето право-посочи таа.

Таа додаде дека е до крајот на наредната недела ќе се одржат тркалезни маси и во Кратово и Крива Паланка. Целосниот извештај ќе биде доставен до надлежните институции, меѓу кои и до Државната изборна комисија.  На настанот присуствуваа пратеници, советници, претставници на невладини организации и други засегнати лица.

 

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)