Пожарите – фактор изненадување после триесет години независност

Марјан Вучковиќ

Marjan Vuckovic 400x500Високите температури, сушата и ниското ниво на свест толку многу ги потпалија страстите на политичката елита, а богами и шумите, што црно ни се пишуваше, ако не заврнеше дожд.

Ако, во Ватикан, изборот на Папа се означува со пуштање на бел чад низ оџакот на Систинската капела, означувајќи нова надеж за сите кои со нетрпение очекуваат да ја слушнат убавата вест – Habemus Papam (Имаме папа), тогаш кај нас, десет дена чекавме да слушнеме од говорницата на Центарот за управување со кризи – Habemus Pluvia (Имаме дожд). Дожд кој помогна да се изгаснат пожарите и кој со нетрпение го очекуваа надлежните служби, бидејќи и оваа година шумските пожари ги дочекаа неподготвени.

Црн чад од Македонските шуми

Ако белиот ватикански чад симболизира нов почеток исполнет со надеж за подобро утре, во изминатиот период кај нас, црниот чад од Македонските шуми кои гореа во пламен, симболизираше status quo кое повторно покажува колку неспремни сме за вакви ситуации. Во страшните пожари во кои гореше борова и букова шума, делумно изгоре и надежта дека свеста кај населението за превенција од шумски пожари е сепак многу мала. Палењето на стрништа остана една црна дамка во колективната свест која од година во година испушта црн чад – дека нема нова надеж за промена на свеста кај граѓаните.

Старата опрема – ризик за катастрофа

А нема нова надеж ниту за службите задолжени за превенција на елементарни незгоди. Не дека не беше планирано набавка на ново возило за гаснење на шумски пожари, ама ете, сепак на површина испливаа сите недостатоци во опрема, кадар, раководење со организациите, кои беа детекирани од страна на дел од институциите уште во март 2021 година.

Недостатокот на пожарникари, како и просечната старост на возилата за гаснење пожари која надминува три децении, не влева надеж дека нештата можат да бидат под контрола доколку не заврне дожд.

На 06 јули 2021 година, само неколку недели пред катастрофата, малешевската противпожарна служба набави неколку нови возила за спречување на шумски пожари, кои требаше да ја подигнат просечната старост на опремата. Недоволната координација помеѓу локалната и централната власт, за тоа кој е „газда на пожарната“, доведува до други нови проблеми кои што се повеќе го продлабочуваат јазот. Различна плата за иста работна позиција, различни возила за иста намена, стари и оштетени, а доста голем дел и нефункционални возила и опрема, се дел од последиците на некоординираниот пристап кон институцијата која е во прва борбена линија со огнените стихии. А нов Закон – само во најава. Префрлувањето на блок-дотации кон општините кои немаат сопствена ПП служба, ги прави неми на повиците да исплаќаат дел од сумите потребни за плати и одржување на опремата, се додека не згусти па потребата од помош не е повеќе прашање на пари, но прашање на морал, етика и хуманост.

Pozarite faktor iznenaduvanje posle trieset godini nezavisnostИзвор: sdk.mk

Европа во поход за спас на Македонските шуми

Неможноста и немоќта на македонските инстиуции да се справат со пламените јазици ја разбуди европската и соседската хуманост, па бел чад се појави од говорниците на нашите соседи и европски пријатели кои пратија опрема и добро обучен кадар да ни даде надеж дека ќе се избориме со оваа катастрофа на повидок, која се закануваше да проголта цели градови. Белиот чад – како надеж за спас пристигна со првата помош која ја добивме од нашите соседи и пријатели кои со својата опрема (и секој според можностите) се вклучија во помош, а донекаде и го изгаснаа или во најмала рака го локализираа безумието на пожарите, а на заминување, освен изгаснат терен, оставија и културен шок, и уште поголема депресија кај општеството, покажувајќи колку сме далеку од реалноста и стандардите кои овие екипи ги пласираа кај нас.

Неверојатно е колку многу години (поточно триесет од осамостојувањето), сме потрошиле во неповрат. Неверојатно е колку многу години сме дишеле песимизам и црн чад, додека другите јуреле напред, инвестирајќи во клучни сфери на општествена одговорност, стабилност и оптимизам дека и да се случи нешто, има некој што е спремен да те спаси.

Колкава е цената на спасот?

Иако, за да се пристапи кон официјализирање на штетите направени со шумските пожари, се чека целосно стивнување на ситуацијата, па враќање од одмор на политичарите и другите раководни лица, па формирање на еден куп комисии кои ќе треба неколку недели да се договорат кога и од каде да почнат, па некаде пред Нова година би требало да добиеме податоци за тоа колкави се овогодинешните штети.

Но, за штетите од изминатите две години се шпекулира со бројки од 14 милиони евра, што во превод значи дека за изминативе две години државата можела да набави од 14 – 20 противпожарни возила со истите пари кои за две години пропаднаа во пожарите, земајќи ја предвид математиката колку чини едно противпожарно возило, а истата може да биде доста различна, зависно кој пресметува.

Триесет години – во очекување на белиот чад

Ако се замисли дека во изминатите триесет години, целокупното инвестирање во противпожарна опрема се сведува на донации, не е тешко да се разбере летаргијата на народот и бегството кон подобри услови за живот. Западноевропското општество кое промовира бел чад за надеж, како магнет ги привлекува нашите млади (а богами и повозрасни се почесто) да одлетаат што подалеку од сивилото и црниот чад на беспомошност и заглавеност во лавиринтите на транзицијата која триесет години испушта црн чад, а триесетте политички кардинали, кои добија признание за својата работа, не одговорија на клучната теза – зошто се уште и после триесет години ние не можеме да видиме бел чад?

Да преовлада разумот

Вистина е дека првите неколку децении во транзицијата се многу тешки. Но, доколку и следните неколку децении се такви, е тогаш стравуваме од опасност од тешка општествена депресија и само презир. Токму затоа, потребата од итно воведување на нови стандарди, локални и централни политики кои ќе соодветствуваат со потребите на едно модерно општество од 21 век, ќе одат рамо до рамо со зголемување на свеста кај граѓаните дека потребата од милионско возило за противпожарниот сектор е поважно од поседување милионско возило за државниот сектор.

И сите ние, треба да сме свесни дека колективната одговорност не значи колективна амнестија, но значи дека одговорноста е подеднаква кај сите според степенот на инволвираност. Законската регулатива мора во најскоро време да се освежи и да се структурира, бидејќи после триесет години црн чад од шумите, време е да излезе црн чад и од судниците, за оние кои пиромански пустошат општо добро. Казните мора да се спроведуваат целосно и во согласност со вистинските проблеми. Односно, подметнувањето на пожари не значи само предизвикување на општа опасност, остава и трајни последици по белите дробови на природата, буџетот на државата, и имотите на населението.

Токму затоа, судско-обвинителската фела треба да препорача синхронизација на праксата за казнување на подметнувачи на пожар, а пред суд да се изнесат и сите инволвирани институции и поединци – државни функционери, кои преку својата негрижа придонеле кон потпомагање во вршење на кривично дело „предизвикување на општа опасност“, преку несоодветно екипирање на службите за спречување и превенција. Судски да им се нареди екипирање, опремување и ставање во функција на сите капацитети, како казна за нивното соучество.

Можеби тогаш ќе добиеме политичка елита која ќе се грижи малку повеќе за општественото добро, и малку посвесно општество кое ќе ги детектира поединечните случаи на пироманија и потпалување. Можеби така, следните три децении нема да бидат мачна транзиција, туку спокојно интегрирање кон европските стандарди.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Коментари

коментар(и)