Политичарите очекуваат успешна година

Кумановските политичари се надеваат дека новата 2016 во многу нешта ќе биде поуспешна од претходната. Велат дека сакаат политичката криза од 2015 да биде минато, исто како и немилите случувања од мај, а Република Македонија да стане стабилна, просперитетна, и економски поуспешна држава. Додаваат дека за големите христијански празници Бадник и Божиќ првенствено си посакале здравје, среќа и успех на себе и своето семејство, но и на сите кумановци.  Во семејството на првиот човек на градот, Зоран Дамјановски, паричката од бадниковото лепче годинава се паднала во синот, кому му посакале здравје, љубов и успех.  За претседателот на Советот на Општина Куманово, Максим Димитриевски и советниците Тони Трајковски и Драган Петковски,  новата 2016 ќе биде среќна, весела и бериќетна, бидејќи паричката се паднала во нив.

-Посакувам да се пронајдат сценаристите и режисерите на кумановските настани  и многу поголемо национално единство, политичката елита ќе мора да се свести да ги надмине сите проблеми, да ги обедини граѓаните, прво на национален а потоа и на мултиетнички план и секако се подразбира да се изнајдат виновниците за оваа состојба во која се наоѓаме денеска пред лицето на правдата. Тоа е нешто што јас првенствено како граѓанин го посакувам.  Во делот на функционирање на локалната самоуправа да се подобри квалитетот на услугите кои ги даваме на граѓаните и секако животниот стандард на граѓанинот кој неминовно мора да се изедначи во Македонија-нагласи Димитриевски.

-После многу години овој пат паричката се падна кај мене, како и секоја година и оваа мислам дека е најважно сите да бидеме здрави целото семејство, па другото се ќе си дојде како што треба. На професионален на политички план очекувам изборите во април да поминат во најдобар ред и нека победи подобриот- истакна Драган Петковски.

-Паричката се падна кај мене без местење, посакувам здравје среќа и успех-нагласи Тони Трајковски.

Советникот Младен Давидовиќ, бадниковата вечер, исто како и Божиќ ги поминал во домашна атмосфера со најблиските, но присуствувал  и на прославата на Градскиот плоштад. Паричката годинава се паднала кај татко му.

-Успех, здравје, среќа, љубов  оваа година да ни биде многу посреќна, поуспешна по минатите, да дојде во политички план промена на оваа власт, мислам дека е редно да се смени, да биде подобро за младите, за сите граѓани, да имаме хармонија и мир-изјави Младен Давидовиќ.

Претседателот на НСДП, Свето Петрушевски на кумановци им посака успех, здравје и среќа, како и на неговиот син во кој се паднала овогодинешната паричка од бадниковото лепче. Тој очекува просперитет на Куманово, како и на јавните претпријатија. Петрушевски се надева дека институциите ќе почнат да работат во корист на граѓаните, и дека тие ќе ги уживаат своите права.

 

 

 

 

 

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)