Поројниот дожд предизвика проблеми во градот

Поројниот дожд кој вчера околу 15 часот,  го зафати градот предизвика поплави во централното градско подрачје и периферијата. Невремето траеше околу половина час, а беше проследено со електрични празнења и силен ветар. Улиците беа полни со вода, па екипи на јавното претпријатие Водовод интервенираа на булеварот Октомвриска револуција, каде што ги отвораа шахтите.

Силниот ветер скрши старо дрво, пред зградата спроти Биртекс, меѓутоа истата не предизвика штета на околините згради и возила. На улицата Никола Тесла граѓани сами ги отвориле шахтите, по што екипа од Водовод, поставила сообраќајни знаци, со кои ги предупредувале граѓаните и возачите внимателно да се движат.

Врнежите предизвикаа поплави во три домови во населбата Карпош. Имено поплавена е една куќа со подрумски простории и неколку дворни места на улиците 12 и 17. Инаку Регионалниот центар за управување со кризи информираше дека и во село Зебрњак гром удрил во викендичка, но истата не е запалена, ниту пак има повредени лица. Екипа на ЕВН Куманово интервенирала и на истата локација била исклучена електричната енергија.

Инаку од РЦУК соопштија дека во последните 24 часа на Филтер станицата е измерено дека наврнал само 1,5 литри дожд на метар квадратен. Од таму додаваат дека оваа бројка не се совпаѓа со реалната состојба на терен, бидејќи на местото на кое се наоѓа станицата немало обилни дождови. Нагласуваат дека водостојот на реките не е зголемен и нема опасност од поплави. Додека траеше поројниот дожд неколку населби останаа без електрична енергија.

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)