Поскапува такси превозот во Куманово

Заштитната цена на такси превозот во Куманово , со одлука на Советот, се зголемува од 50 на 60 денари, а за секој изминат километар патниците ќе плаќаат 30 денари, наместо 25 денари како досега. Претседателката на советот, Атина Мургашанска информира дека цената на такси услугата се зголемува на барање на Здружението на такси превозници од Куманово.

-Во овие последни 7 години откако ја задржавме истата минимална цена на заштитната цена и цената на еден километар, неколкупати беа покачени цените на горивата кои ги користат, потоа беа зголемени цените на фискалните апарати и другите давачки спрема општината, спрема државата, а цената и од социјални причини и за да можат да ја користат услугата повеќе граѓани остана иста. Меѓутоа истиот ден кога носиме одлука за вонредни мерки за намалување на загадувањето и кога сметаме дека сите треба да бидеме општествено одговорни и како граѓани и како стопански субјекти и да придонесеме за намалување на загадувањето сметавме дека зголемувањето на 70 денари кое го бара здружението на таксистите негативно ќе се одрази во користењето на авто такси превозот  и некоја оптимална цена која членовите на советот речиси едногласно ја изгласаа, беше изгласана минималната цена да биде 60  денари, а цената на километар да се покачи за 5 денари, од 25 на 30 денари, изјави Атина Мургашанска, претседател на Совет на Општина Куманово

Предлог одлуката  за авто-такси превоз на патниците во Општина Куманово вчера на седницата предизвика низа дилеми и прашања не толку во врска со новата цена, туку повеќе околу барањето за издавање лиценца и потребната документација.

-Овде на секои пет минути добиваме по нешто различно, обезбедете ни прецизна информација. На пример, ќе дојде некој во општината, правно лице и сака да аплицира да поднесе барање за издавање на лиценца. Какви документи му се потребни да поднесе и за колкав временски период таа лиценца ќе биде издадена? , рече Емилија Трајковска, советник

-Од страна на Општина Куманово има направено барање за издавање на лиценца и извод за вршење на авто такси превоз. Треба да има административна такса од 50 денари, уплатница од 3000 денари и за секој извод по 600 денари. Уште еднаш, уплатница во износ од 3000 денари во оригинал за платена административна такса и сертификат и за секој извод од лиценца се плаќа по 600 денари. Уплатница за надоместок за коритење на такси станица, тоа е по 160 денари на месечно ниво, ако вади за период од две години нормално во денот на поднесувањето плаќа за додека му важи лиценцата, рече Момчило Јовановски, Сектор за урбанизам и комунални дејности

Надлежните посочуваат дека цените за лиценците кои такси превозниците мора да ги обезбедат остануваат непроменети.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)