Последна седница на Советот на општината годинава

За програмата за работа на „Куманово паркинг“ советниците дискутираат секоја година и секогаш останува само на хартија, предвидените зони Б и Ц иако се најавуваат подолго време се уште не се формираат, и во време на ковид криза јавното претпријатие продолжува со непродуктивни и непотребни трошоци за репрезентации, за привремени вработувања, се само дел од забелешките на советниците од опозицијата во однос на функционирањето на ова претпријатие. Советниците побараа и одговор од в.д директорот Фадиљ Шабани за, како што велат,  речиси двојно намалените приходи од пајак службата споредбено со истиот период минатата година, а од друга страна, пак, скоро исто потрошено гориво.

-Програмата веќе осум години се препишува од претходната година, немаме против да се формираат зоните Б и Ц и така му требаат на градот,  со тоа ќе се ублажи проблемот со паркинг местата, но ако остане како претходните години само на хартија и наредната година пак ќе дискутираме за ова, рече Драган Петковски, советник

-Продолжувате со истото темпо на работа и повторно вашата програма не ветува многу, рече Сашо Стошевски, советник

„Куманово паркинг“ функционира нормално, без проблеми, а констатациите на дел од советниците за неправилно и недобро работење на претпријатието се паушални и неосновани, рече Шабани, одговарајќи на претходно упатените прашања и забелешки. Шабани потенцираше дека ниту една активност претпријатието не може да реализира без одлука на Советот, посочувајќи дека одлуката за едномесечното нефункционирање на јавното претпријатие „Куманово паркинг“ во ковид кризата исто така било одлука на мнозинството на Советот, што дополнително ја отежнало работата.

Советниците му посочија на Шабани дека критериумот за добро или лошо работење на претпријатието треба да биде вршењето на основната дејност на „Куманово паркинг“, а не редовното исплаќање плати на вработените и паушалите на Управниот и Надзорниот одбор.

По едночасовна расправа, со мнозинство гласови беа усвоени Извештајот за финансиско работење на ЈП „Куманово – паркинг“ – Куманово за период од 01.07 до  30.09.2020 година и Програмата за работа на ЈП „Куманово – паркинг“ – Куманово за 2021 година, а едногласно беше усвоена Програмата за повластено користење на паркинг услуги на јавните паркиралишта и јавните површини наменети за паркирање со кои стопанисува ЈП „Куманово – паркинг“ – Куманово од страна на лица со посебни потреби за 2021 година.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)