Поставени 70 нови контејнери во градот

Јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“ со сопствени средства набави и постави нови 70 контејнери во централното градско подрачје. Надлежните информираат дека се заменети старите и дотраени садови за смет, а во тек е  процедура преку Североисточниот плански регион, преку проект да се обезбедат уште дваесетина контејнери. Директорот на претпријатието,  Даниел Стојчевски се надева дека со создавањето на новата регионална депонија, ќе добијат и осум нови возила за собирање на смет, со што ќе се реши проблемот со сегашните возила кои често се подлежни на дефекти.

-Се надеваме дека ќе добиеме 1.400 контејнери наредната година преку овој нов проект, и само за да доловам што значи 1400 нови, ние во моментов на подрачјето на градот има 900 садови за смет, со новите кои ќе се добијат преку проектот поддржан од Министерството за животна средина и помогнат од фондовите на ЕУ ќе се заменат старите и дотраени контејнери, а ќе бидат поставени и на нови локации -изјави Стојчевски.

Што се однесува до триесетината садови за смет кои беа донација од Пакомак за рециклирање на стакло, хартија и пластика, Стојчевски истакна дека повеќето се уништени од несовесни граѓани. Нагласи дека дел од граѓаните селектираат отпад.

-Дел од собирачите на пластика ја уништуваат опремата, предвремено го собираат сметот. Имавме идеја една работна единица да се направи во депонијата и да се врши секундарно селектирање, а сметот да се пушти на лицитација и да имаме дополнителен приход-изјави Стојчевски.

Од „Чистота и Зеленило“ работат на изнаоѓање начини за поставување на нови собирни центри и на едукација на граѓаните, но и поддршка од надлежни институции како инспекцијата и СВР Куманово.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)