Почина родилка од Крива Паланка

37 годишната Слаѓана Демировска е родилката од Крива Паланка која што почина откако  роди здраво машко дете. Таа била во деветиот месец од бременоста, а според нејзиниот невенчан сопруг Елвис Јусуфов изминатата ноќ околу 3 часот  со возило на Итна помош со силни болки  ја пренеле во кумановската болница. До породувањето тој неколку пати се слушнал со неа на мобилен, а околу пладне му било соопштено дека сопругата е породена со царски рез и се уште е во салата за породување, а добил син. Попладнето околу 16 часот кога Јусуфов сакал да  ги види сопругата и  бебето, му кажале дека починала.

– Ни ги дадоа во ќесе нејзините лични работи, јас не знаев ништо, можеби тие знаеле нешто, но не сакале да ни кажат, велат ќе дојде лекарот. Вели многу ми е жал, не можевме да ја спасиме, починала, чекај велам ти претходно ми кажа дека е со царски , имам син ,таа е горе,  а сега ми кажуваш на посета дека си дошол од Скопје и дека починала, изјави Елвис Јусуфов, сопруг на родилката

Јусуфов сака да ја дознае причината поради која почина неговата сопруга која што немала ризична бременост. Тој заедно со три нејзини малолетни деца живее под кирија во Крива Паланка, вработен е и вели дека не може да се грижи за новороденчето.

-Да ви кажам искрено мојата сопруга штом почина, јас не можам да го прифатам бебето, јас најмногу сакав таа да беше здрава, ако е од Господ во ред, но ако е од лекарите ќе ги тужам , сакам правда, сакам да знам од што починала, изјави Елвис Јусуфов, сопруг на родилката

Од кумановската болница тврдат дека ги презеле сите неоходни мерки и процедури при будење на пациентката, но таа имала проблеми со дишењето. Во придружба на лекарски тим со Итна помош  била префрлена на Одделот за интензивно лекување на КАРИЛ , каде што после 20 минутна реанимација починала.

– Во случај да има некаква лекарска грешка ќе преземеме мерки, но по сите можни документи кои што ги видовме и процедури што се направени мислиме дека засега нема лекарска грешка, изјави Ариф Љатифи, директор на Општа болница Куманово

– Многу е тешко и на гинеколошката клиника и на Карил веќе оперирани пациентки да им најдат место за механичка вентилација, а и ние да ги транспортираме. Затоа се обидуваме тука на секаков можен начин со сите медикаментозни работи и условите што ги имаме да ја завршиме работата,  изјави д-р Билјана Петрушевска , Општа болница Куманово

 Жената починала околу 15,40 минути , а случајот е пријавен во полицијата после 20 часот.

Од утрово во кумановската болница случајот го истражуваат  Комисијата  за унапредување на здравствени услуги и заштита и Здравствен инспекторат.

Причината за настанатата смрт ќе се знае по добиените резултати од извршената обдукција на Судска медицина.

Инаку, на Демировска ова и била седма бременост, а шесто породување.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)