Почна годишната обнова на правата од детска заштита

Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Куманово започна со прием на барања за годишната обнова на правата од детската заштита, како што се посебниот додаток, детскиот додаток и родителскиот додаток за трето и за четврто дете за постојните корисници на ова право. Барањата се поднесуваат согласно Законот за заштита на децата. Обновата на правото на родителски додаток за трето и четврто дете ќе трае до 31 –ви март годинава, а освен барањето треба да се достават и лична карта на носителот на правото на увид, уверение од Основниот Суд дека не му е одземено родителското право, копија од картон за имунизација, потврда од училиште за третото родено дете, информира директорката Александра Арсовска.

-Секако дека и тука има усогласување согласно последното соопштение од Државниот завод за статистика има зголемување на износот така што во тек е изготвување на новите решенија, исто така како едно соопштение до корисниците на постојана парична помош дека ќе следи обновата на ова право, меѓутоа има една новина за оние кои што имаат можни издржувачи дека задолжително ќе треба да поднесат барање до Основниот суд кој што ќе треба да констатира и да утврди дали навистина ова лице има можни издржувачи и колку истите можат да партиципираат во издршката на членот кој што ја користи постојаната парична помош, изјави Александра Арсовска, директор на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Куманово

Согласно Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата и соопштението на Државниот завод за статистика има корекции односно зголемување на износот на правото на посебен додаток. Висината на посебниот додаток за 2019-та година ќе изнесува 5.096 денари, висината на посебниот додаток за самохран родител ќе изнесува 7.644 денари, додека за материјално необезбедени родители кои што се корисници на социјална парична  помош и постојана парична помош ќе изнесува 6.370 денари, информираат надлежните.

-Во тек е и обновата на документите за постојните корисници на социјална парична помош, кои што на увид треба да донесат лична карта, а задолжително од оваа година согласно новиот закон за социјална заштита кој што треба да влезе во собраниска процедура е сите полнолетни членови кои што не се на редовно школување да бидат задолжително пријавени во Агенција за вработување. Во моментов имаме Програма која што е како надградба на постојната спил програма која што е во контекст на новиот закон за социјална заштита така што очекуваме сериозно зголемување на износот на социјалната парична помош, интегрирање на правата во едно право, а тука станува збор повеќе за самите називи на социјална парична помош нема да бидат исти, туку гарантирана минимална помош во која што ќе спаѓаат и корисниците на постојана парична помош и на социјална парична помош, тука ќе влегува и детскиот додаток, образовен додаток за децата, како и надомест за електрична енергија.

Обновата на правата од детска заштита трае до 31-ви  март 2019 –та година, додека на корисниците на социјална парична помош заклучно со 28-ми јануари. Апел до корисниците што побрзо да ги обноват документите затоа што од самото поднесување на барање зависи понатаму остварувањето на самото право, односно исплатата за месец јануари, изјави Арсовска.

Во меѓуопштинскиот центар за социјална работа кој што ги опфаќа општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане, со последната исплата вкупно се регистрирани околу 3.800 корисници на социјална парична помош, околу 900 корисници на постојана парична помош, 2.500 корисници на правото на туѓа нега, 2.500 корисници на родителски додаток за трето дете и околу 780 корисници на додаток за слепило, мобилност и глувост. Во моментов се прави усогласување на сите решенија со новите износи и за корисниците на додаток за слепило, мобилност и глувост, а се очекува усогласување на решенијата и за корисниците на туѓа помош .

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)