Почнува Велигденскиот пост

Од денеска почнува Велигденскиот  пост. Во постот се дава предност и поткрепа на духовното пред телесното. Тоа е време за повеќе молитва и за повеќе добри дела. Време за откажување од гревот и за покајание. Најстрог и најдолг е Велигденскиот кој трае од Прочка до Велигден, односно 40 дена  од Чист понеделник до Лазарева сабота и уште Страстната недела од Цветници до Велигден,  вкупно 48 дена.

-Деновите на постот се кога ние свесно со подвиг со труд покажуваме дека на прво место можеме да го ставиме духовното на сметка на материјалното задоволство итн. За да човекот се врати во својата првобитна положба онака Бог како што го замислил на прво место треба духовното, душата негова зашто таа е вечна, таа постои, зашто и падот на првите луѓе се случи токму поради не постење, изјави отец Игор Здравковски, портпарол на КОЕ  

За време на постот  покрај воздржување  од храна , верниците треба стопроцентно да се присутни на литургиите секоја недела кога се служи, а оние кои што се слободни на литургија можат да доаѓаат и во среда и петок, вели Здравковски.

-Во 16 часот оваа недела секој ден има покаен канон на Свети Андреј Критски со една многу интересна содржина, необична содржина подготвителна за овој период,  изјави Здравковски.

Постот е како човекот: телесен и духовен. Со две природи: за телото и за душата, посочуваат свештениците.

-Од понеделник до петок се јадат без масло зготвени јадења, а во сабота и недела со масло. Риба се јаде на Цветници и на Благовец и тоа важи за оние кои што се здрави луѓе, за оние кои што можат тоа да го направат. Почетниците добро е да поминат во било кој од храмовите и да земат благослов од свештеникот кој што е присутен во црквата и да побараат предлог пост како би можеле тие да постат, изјави Здравковски.

По најдолгиот и настрогиот пост верниците на ден Велигден одат во црква  и се причестуваат, по што го слават денот на Христовото воскресение Велигден.

Велигден годинава се прославува на 28-ми април.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)