Почнува сезоната во бањата Стрновец

Започнува сезоната на капења во бањата Стрновец во општината Старо Нагоричане.  По поплавите кои го зафатија овој регион базените се исчистени од тиња и песок. За разлика од порано, сега бањата е оградена и се наплаќа влезница од 50 денари. Но освен двата базена и неколку монтажни угостителски објекти  кои го сочинуват бањскиот комплекс се уште недостасуваат гардеробери, тоалети, корпи за отпадоци, сместувачки капацитети и уреден парк. Топлата вода од 39.5 степени ги лекува сите видови на ревматските заболувања,инфективните, заболувањата на периферните артериски садови  но  лекува и состојби по повреди.

За лековитоста на водата освен кумановци знаат и граѓаните од останатите градови но и соседни држави. За одржување и уредување на бањата се грижи јавното комунално претпријатие Козјак кое во последниве години се обидува да создаде минимални услови за бањските посетители.

– Има едно десетина дена како работиме во бањата оваа година имавме големи поплави и ни се нанесе голема штета. Водата е испитана во  Центарот за јавно здравје, водата е одлична за капење добивме резултати и сите услови се задоволителни. Испитувањата ги направивме пред седум дена.Имаме план да ја покриеме бањата со мрежа и некои бетонски зидови да ставиме за да водата ја одведеме во текот на реката Пчиња за да нема лизгање и да биде чисто. Во овој период почнуваат посетители полека. Мислам дека оваа година ќе имаме добра посета на гости во бањата – вели Борко Соколовиќ, директор на ЈКП „Козјак“.

Топлата вода во селото Стрновац извира од бушотина од околу 200 метри на природен начин без пумпа. Избила на површина во осумдесетите години на минатиот век и повеќе од 30 години истекува во реката Пчиња. Инаку кумановски  Стрновац по лековитоста на водата се поистоветува со бањата во Бујановац.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)