По „Тумба фест“ се враќа и „Распеано детство“

Здружението Етно ризница кое минатата година го возобнови фестивалот Тумба фест, оваа година тоа ќе го стори и со фестивалот на детска песна Распеано детство.

Здружението за уметност, култура и заштита на културно наследство Етно ризница од Куманово и оваа година ќе го организира Фестивалот на македонска новосоздадена народна шегобијна песна Тумба фест, кој ќе се одржи на 23-ти септември во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“. По тој повод веќе е објавен конкурсот, кој ќе трае до 30-ти мај. На конкурсот може да учествуваат сите заинтересирани домашни и странски автори и изведувачи. Песните траба да бидат на кумановски дијалект, но и на македонски литературен јазик, исклучиво со шегобиен карактер. Организаторите се надеваат дека фестивалот годинава ќе биде уште поуспешен од лани.

-Оваа година имаме значајна поддршка од Советот, градоначалникот, во договор е уште позначајна поддршка. Се надеваме на квалитетно издание на Тумба фест оваа година-посочи претседателот на Етно ризница, и организатор на Тумба фест, Драган Митевски.

-Јас како автор од страната на авторите би сакал да им дадам поддршка на организаторите. Фестивалот е многу интересен за нас, затоа што сме ослободени од некои правила во музиката, имаме поголема можност за изразување на друг начин, хуморот што е присутен во сите песни ни дава и друга инспирација за послободно музичко изразување така што сум задоволен и среќен што ние авторите имаме можност да се изразиме и на друг начин на другите фестивали-дополни Цане Петров, дел до Советот на фестивалот.

Организаторите на Тумба фест, на денешната прес конференција информираа дека оваа година Етно ризница, по 15 години, ќе го возобнови и Фестивалот на детска песна Распеано детство, чија аудиција е закажана веќе за утре.

-Во план е фестивалот да се одржи на 29-ти и 30-ти мај во Центарот за култура, како и фестивалот Тумба фест, така и фестивалот за детска песна Распеано детство, ќе биде од меѓународен карактер. Ние веќе имаме заинтересирани учесници на фестивалот од Бугарија, Србија, Косово, Албанија, Грција а во преговори сме и со една екипа од Италија да бидат учесници на Распеано детство-истакна Митевски.

-Поточно првиот фестивал се одржа 1976 година во организација на Културно просветно заедница, седум години бил организиран до 1982, потоа 1988 па 1993 и потоа центарот за детско творештво во стариот Пионерски дом го има правено фестивалот 1999 година до 2005 година. Овој фестивал самиот по себе си има голема тежина-дополни Игор Трајковски уметнички директор на фестивалот.

Тие истакнаа дека на овој фестивал учествувале реномирани музичари од градот, но и државата, а искуството до 2005 година кога се одржувал фестивалот, покажало дека имало голем интерес кај децата. Аудицијата ќе се одржи утре во малата сала на основното училиште Браќа Миладиновци. Тие ги покануваат сите заинтересирани талентирани млади да им се придружат од 16 до 19 часот.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)