Првомајски пикник на Студена вода

Со организирање Првомајски пикник на Студена вода кај Доброшане, здружението на резервните армиски и полициски ветерани планира да го одбележи Меѓународниот ден на трудот.  Организационо се подготвени, но потребна им е финансиска помош, велат од Организациониот одбор.

-Имаме веќе готови повици до граѓаните, разговарано за автобуски превоз, сцената, културно уметничките друштва кои ќе настапат да ги развеселат присутните, но финанасиски не сме подготвени. Бидејќи ние сме дел од една организација која се самофинансира од нашата скромна членарина ние не можеме да си дозволиме, тука треба да се обезбедат сендвичи за учесниците на културната манифестација, вода, ќе имаме и гости, за нив треба да се обезбеди ручек, тоа се средства кои ние не можеме да си ги дозволиме. Ние имаме поднесено барање,  доколку локалната самоуправа додели средства, ние 100 проценти ќе го организираме настанот, изјави Киро Соларски од Здружение на резервни армиски и полициски ветерани.

Организаторите се надеваат дека годинава манифестацијата ќе се одржи и ќе стане традиционална.  Досега пет пати е организиран Првомајски Пикник.  Здружението одбележува и други настани и кои се поврзани со безбедноста или пак со датумите на прогласување на народните херои од Куманово.

-Подготвуваме една прослава да го одбележиме Денот на полицијата , да ги повикаме во нашиот клуб на една скромна свеченост бидејќи тие се наши членови, потоа планираме на 30 април во чест на нашиот член починатиот магистер Александар Ковачевски  трета година по ред правиме крводарителска акција каде учествуваат припадници и на АРМ и МВР, некаде околу 50 активисти даруваат крв и потоа имаме информација дека гробот на Вера Которка кој се наоѓа на Пониква, кочанско некој вандал веројатно ја скршил петокраката на тој гроб, и ние веќе изготвивме петокрака која сакаме на 9 мај да одиме да ја поставиме на тој гроб, да засадиме некое дрвце околу гробот, и да се заблагодариме на семејството кое го одржува гробот, изјави  Соларски.

Во клубот на здружението секојдневно се играат  шах, домино  и карти. Бројот на членовите постојано се зголемува, а за петте години колку што постои ова здружение отворени се ограноци во Старо Нагоричане, Скопје, Кратово и Крива Паланка, а се подготвува отворање на клуб и во Ранковце. За одбележување е и нивната соработка со соседна Бугарија и Србија.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)